Собранието на Република Македонија денеска треба повторно да гласа за Законот за ратификација на Договорот со Грција за спорот за името. Се враќа по вторпат на гласање бидејќи Законот не беше потпишан од страна на претседателот на РМ.
Законот за ратификација на Конечната спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817 (1993) и 845 (1993) на Советот за безбедност на Обединетите нации, за престанување на важноста на Привремената спогодба од 1995 година и за воспоставување на стратешко партнерство меѓу страните во трето читање е единствена точка на дневениот ред на 54. седница на Собранието.
Собранието го ратификуваше Договорот за решението за спорот за името на 20 јуни со 69 гласа „за“ и без против и воздржани. Пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ не присуствуваа на седницата. Истиот ден тој беше потпишан од страна на претседателот на Собранието, Талат Џафери и испратен до Кабинетот на Иванов, кој како што најави го врати законот во предвидениот рок без да го потпише Указот.
Минатата недела во Собранието на Република Македонија беше доставена одлуката на претседателот на државата Ѓорге Иванов со која тој информира дека нема да го потпише Указот за прогласување на Законот .
За да го изгласа законот за ратфикација на Собранието му е потребно мнозинство од 61 глас „за“. Доколку повторно се изгласа, договорот во тој случај повторно се испраќа до претседателот, кој според Уставот е обврзан да го потпише.
Очекувањата се дека и по второто гласање Иванов нема да го потпише Указот за законот за ратификација на договорот за името и оти ќе го примени т.н. џебно вето, како што направи со Законот за употреба на јазиците.
Иванов за својата одлука за непотпишување на Указот за законот за ратификацијата на договорот наведе повеќе причини.
Претседателот на Собранието Џафери најави дека по прегласувањето ќе го испрати законот во Службен весник на Република Македонија со еден потпис, а исто така ќе постапи и за Законот за употреба на јазиците, чијшто указ Иванов не го потпиша.