Дваесетина средни училишта и гимназии во Белград добија циркуларна електронска пошта за подметната бомба. Учениците и професорите веднаш се евакуирани, а известени се Министерството за внатрешни работи и Безбедносно-информативната агенција (БИА).
– Слична ситуација се случи пред неколку дена во соседна Црна Гора. Нашата полиција прво ќе ги испита заканите, а децата и вработените нема да бидат вратени во училниците додека полицијата не потврди дека е безбедно, што е приоритет, изјави првиот вицепремиер и министер за образование Бранко Ружиќ.
– Влезе професорот по физика, само ни рече: „Имаме бомба во училиштетп, мора да излеземе“. Сите сме одлично, се наоѓаме пред училиштето, само професорите се во паника. Мислат дека е сериозно, изјави за „Блиц“ еден ученик од Земунската гимназија.
Дојавите за бомби се зачестена појава последните неколку седмици. Претходно имаше лажни дојави за поставени бомби на неколку јавни локации и државни институции, меѓу кои и аеродромот „Никола Тесла“ во Белград.