Истражувањето на германската агенција ДПА покажало дека во најмалку девет германски покраини веќе се вакцинирани луѓе кои воопшто не биле на ред за вакцинација против коронавирус. Меѓу нив има локални политичари, свештеници, но и пожарникари и полицајци.
Редоследот на вакцинирање во Германија е јасно определен со уредба на Министерството за здравство. Прво треба да се вакцинираат луѓето над 80 години, како и луѓето кои работат во болниците, лекарските ординации и установите за нега. Тоа е групата во општеството која има највисок приоритет.
Според уредбата, полицајците немаат највисок, туку само висок приоритет, а локалните политичари воопшто не се наведени. Како образложение за вакцинирање преку ред во најголемиот број случаи се наведува дека на крајот од денот останале премногу вакцини кои не би требало да се фрлат. Имено, вакцините пред да бидат дадени на пациенти треба прво да се подготват и потоа да се употребат во рок од неколку часа. Доколку некој од предвидените за вакцинирање го откажал терминот, на крајот од денот остануваат неупотребени дози. Како да се постапува со нив? Тоа не е регулирано.
Градоначалникот на Хале, Бернд Виганд, вели дека прво бил направен обид преостанатите вакцини да им се дадат на роднини на лица од групата со највисок приоритет. Ако такви лица не биле достапни, тогаш со „генератор на случајни кандидати“ се доаѓало до лицата кои може да бидат вакцинирани. Така, вели градоначалникот, и тој бил „избран“, а тоа било случај и со уште десетмина советници во Градското собрание.
Окружниот началник во Зале, Хартмут Хандшак, се вакцинирал уште во декември и тврди дека тоа се случило кога дошол на термин во клиника каде се вршело вакцинирање и каде имало една преостаната доза за која немало доброволци од медицинскиот персонал, ниту пак соодветен пациент.
Вакви случаи има во многу окрузи и општини. Дел од политичарите во меѓувреме се извинија. Но, меѓу лица кои биле вакцинирани преку ред има и пожарникари и полицајци. На пример, во Кобленц, каде пожарникарите управуваат со центарот за вакцинација, преостанатите вакцини му биле давани на сопствениот персонал. Или случајот од покраината Саксонија, каде 400 полицајци добиле вакцини преку ред за дозите „да не се фрлат“.
Но, има и покраини каде се’ оди регулирано. Имено, се прават листи на чекање на кои се наоѓаат лица кои имаат право на вакцина, односно се во групата со највисок приоритет, па ако дента некое од лицата со термин не дојде на вакцинација, надлежните му се јавуваат на лице од листата на чекање. Интересен е и начинот на кој се постапува во градот Улм, каде се подготвуваат само 90% од планираните дози. Остатокот се подготвува само по нарачка и така се избегнува неискористен вишок на крајот од денот.
Се бараат казни за вакцинирање преку ред
Фондацијата за заштита на пациентите во Германија опоменува да не се врши вакцинирање на лица кои не се на ред и бара казни за прекршителите. „Постојано се обелоденуваат случаи на лица кои биле вакцинирани, а не биле на ред“, изјави претседателот на фондацијата, Ојген Бриш за агенцијата ДПА.
Уредбата за вакцинирање треба да обезбеди праведна вакцинација и „затоа е несфатливо што Јенс Шпан (сојузниот министер за здравство, н. з.) до денес нема предвидено санкции за неправедно вакцинирање во својата уредба“, вели Бриш.