Во операцијата „Рубикон“ западните тајни служби долги години го шпионирале половина свет, а цел била и Југославија, но безуспешно, пишува Дојче веле.
Според наводите на Дојче веле, тајните служби на САД и Западна Германија во тајната операција „Рубикон“ со децении шпионирале 130 земји и Обединетите нации.
Специфично за оваа операција е тоа што Федералната разузнавачка служба на Германија (БНД) и американските разузнавачи служби ЦИА и НСА биле тајни сопственици на фирмата Крипто АГ со седиште во Швајцарија и манипулирале со уреди за кодирање, кои разузнавачките служби низ светот ги набавиле за големи пари, верувајќи дека купуваат безбедносни машини од „неутрална земја“.
На тој начин овие тајни служби, освен вредни информации, заработиле и милиони или милијарди.
Иако аферата неодамна беше откриена од германскиот јавен сервис ЗДФ и швајцарскиот јавен сервис СРФ, како и од американскиот весник „Вашингтон пост“, многу прашања останаа без одговор – кој од политичарите бил вклучен во овие махинации, кој го лажел својот парламент, што се случило со заработените пари и како вака стекнатите сознанија влијаеле врз историјата во втората половина од 20 век.
Засега никој од инволвираните актери, кои сè уште се живи, не сака да зборува, а единствен кој потврди дека операцијата „Рубикон“ постоела е Бернд Шмидбауер, министер во кабинетот на тогашниот германски канцелар Хелмут Кол, кој истакна дека операцијата постоела со цел да придонесе „мир и безбедност во светот“.
Како што се наведува, сè започнало во септември 1999 година, на една средба на ветерани од западните тајни служби во Берлин, стари пријатели и познаници од времето на Студената војна, а учесниците на состанокот биле горди бидејќи со децении управувале со најголемата шпионска операција во историјата.
Константирале дека би било штета ако приказната за таков успех не се сочува за идните генерации, па тајните агенти затоа одлучиле да направат завршен извештај, некаков вид хроника на операцијата, па така американскиот извештај под името „Минерва“ и германскиот под името „Рубикон“ вкупно имаат 280 страници.
Пред две години извештаите ги добил Питер Ф. Милер, автор на документарецот за тајните служби, кој бил снимен за втората програма на германската телевизија, а потоа новинарите вклучиле колеги од Швајцарија и Америка и долго време го проверувале материјалот пред да ја објават приказната на 11 февруари оваа година.
Се покажа дека западните тајни служби го имале „целиот свет на дланка“, иако главниот ривал Советскиот Сојуз, но и Кина, не биле меѓу купувачите на уреди за кодирање од фирмата Крипто АГ.
Југославија уште од почетокот се наоѓала на списикот купувачи од таа фирма и била една од најдобрите клиенти, а истовремено била важна цел на шпионите.
Од извештајот на ЦИА се гледа дека Југославија уште во 1957 година купила 121 машина за кодирање од типот CX 52, а извештајот на БНД покажува дека Југославија тогаш купила само стари механички криптоапарати, кои ЦИА и НСА најверојатно можеле да ги пресретнуваат.
Некаде околу 1978 година Југославија купила за повеќе од 100.000 швајцарски франци големо количество од тогашните современи електронски апарати од типот МЦЦ-314 за војската, меѓутоа Југославија имала свои експерти и брзо ја открила измамата.
Уредите за Југославија биле инсталирани од БНД. Конкретно, транспарентниот алгоритам, кој ЦИА и БНД можеле да го читаат, бил развиен од вработен потпишан со иницијал „С“.
– Тој користел шема за синхронизирање однапред, со цел уредот да биде читлив. Германската шема била премногу транспарентна, па неколку купувачи, меѓу кои биле и Југословените и Австријците, откриле читливост на машините, се наведува во американскиот извештај.
Луѓето од ЈНА барале од Крипто АГ да им испратат специјалист да го поправи уредот инаку ќе ја откријат тајната, поради што раководството на фирмата Крипто АГ одржал итен состанок, а еден месец подоцна инженер, кој не бил упатен во манипулациите, заминал во Белград и открил дека уредот може да биде нечитлив, односно безбеден.
Потоа Југославија веќе не била тема во фирмата Крипто АГ, поточно сè додека не започнала војната во 1990-тите.
Бруно фон Ах во интервју за СРФ изјави дека тогаш дошле луѓе од управата и го прашале какви уреди се продадени во Југославија и тогаш му станало јасно за кого се работи, се обиделе да ја прислушуваат ЈНА, односно српската страна што ја наследила опремата, но тоа не им успеало.
Операцијата „Рубикон“ најмногу го загрози познатиот случај кога инженерот Ханс Билер од Крипто АГ бил уапсен и задржан во затвор во Техеран девет месеци.
Наскоро, тогашниот шеф на БНД, Конард Поркнер, јасно му дал до знаење на директорот на ЦИА, Џејмс Волси, дека операцијата нема поддршка од политичкиот врв во Германија и БНД во септември 1993 година им го продал на Американците уделот во фирмата Крипто АГ за 17 милиони долари.
Германските известувачи биле незадоволни што морале да ја прекинат успешната операција што ЦИА ја продолжила без нив, наводно до 2018 година.
Информациите за операцијата „Рубикон“ ги пренеле медиумите низ светот, меѓутоа имало малку реакции, со оглед на тоа дека единствено во Швајцарија се случил вистински политички земјотрес, пренесува Дојче веле.
Според истражувањата на ЗДФ, постои сомнеж дека Федералната влада навремено го лажела контролниот одбор, бидејќи во писмениот одговор на барање на ЗДФ, Константин фон Нок, пратеник на Зелените и член на одборот, истакна дека на следниот состанок ќе побара правилен извештај од сојузната влада и одговори на прашањата што се наметнуваат во извештајот за операцијата „Рубикон“.