Шведска и Данска планираат да воведат дигитален ковид-пасош за вакцинираните, и на тој начин да го олеснат, меѓу другото, патувањето, објави Дојче веле.
Шведска досега беше позната по својот „специјален пат“ во пандемијата на коронавирусот. Наместо локдаун и рестрикции, како во другите европски земји, Швеѓаните прво одеа кон т.н. имунитет на стадо, а подоцна се потпираа врз разумот на луѓето. Таквиот однос во пандемијата беше мета на многу критики, особено поради високиот број инфицирани. Според универзитетот „Џонс Хопкинс“, во Шведска досега со коронавирус се заразиле повеќе од 600.000 луѓе.
Сега земјата, заедно со Данска, повторно тргнува на специјален пат и сака до лето да воведе дигитален пасош за имунизација, пишува ДВ.
Шведскиот министер за дигитален развој Андерс Игеман објасни дека во прва линија станува збор за тоа на едноставен начин да се докаже дека лицето е вакцинирано. Такви докази би можеле во иднина да бидат важни, на пример, при патување во други земји, или на културни и спортски манифестации. Дигиталната инфраструктура за пасошот за вакцинација би требало да е подготвена до 1 јуни, а во подготовките учествуваат повеќе институции.
Данска ги обелодени своите планови за пасоши за вакцинираните пред Шведска. Пасошите би требало пред се да ги олеснат службените патувања. Доказот за вакцинација би се добивал преку интернет страницата на данското Министерството за здравство или преку смартфон.
Во моментов од дигитален пасош за имунизација би профитирале само мал број луѓе. Онлајн-платформата Our World in Data (состојба 14.02.2021) објави дека во Данска досега се вакцинирани 6,87 отсто од населението, а во Шведска – 4,53 проценти. Тоа значи дека стапката на вакцинација во двете земји е слична како во Германија (4,95 отсто) и во Европската унија. За споредба – Израел, кој предводи по бројот на вакцинирани лица против коронавирусот, досега вакцинираше 74 проценти од своето население.
Но, критичарите на вавите планови стравуваат дека на тој начин „од задна врата“ ќе се протурка обврска за вакцинирање, пред се за луѓето кои сакаат или мораат да патуваат, или кои сакаат да учествуваат во општествениот живот. Тоа би можело да предизвика поделеност во општеството, аргументира германскиот министер за внатрешни работи Хорст Зехофер. Освен тоа, на тој начин би можела да биде разнишана довербата во политиката, која досега исклучуваше обврска за вакцинација, наведува ДВ.
Освен тоа, критичарите велат дека се додека нема доволно вакцини на располагање, предностите за вакцинираните се нефер. Треба да се додаде и дека не сите луѓе смеат да се вакцинираат без проблем. Луѓето кои имаат тешки алергии, на пример, или оние кои пијат имуносупресивни лекарства, смеат да се вакцинираат само по консултација со лекар, а бремените жени и доилките би требало по можност да не се вакцинираат. Овие категории луѓе би биле исклучени од предностите што би ги носел пасошот за имунизација без да можат да сторат што било по тоа прашање, појаснува Дојче веле.