ПУТИН: Доколку Британија испрати гранати со осиромашен ураниум во Украина, ќе одговориме

/ 21.03.2023

Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека не гледа оти украинските власти се подготвени да најдат решение за конфликтот во Украина врз основа на мировниот план предложен од Кина, пренесуваат агенциите.

„Веруваме дека многу елементи од мировниот план предложен од Кина можат да послужат како основа за мирно решение, кога оние на Запад и во Киев ќе бидат подготвени за тоа. Сепак, засега не гледаме таква подготвеност на нивна страна. – изјави Путин по разговорот со кинескиот колега Си Џинпинг, пренесе АФП. Путин рече дека на средбата обрнале големо внимание на тој мировен план.

Двајцата лидери истакнале дека одговорниот дијалог е најдобриот начин за решавање на украинската криза, објавија кинеските државни медиуми. Руската страна ја потврдила решеноста да се одржат мировни преговори што е можно поскоро. Двете страни истакнале дека за да се реши украинската криза, мора да се почитуваат легитимните безбедносни грижи на сите земји и да се избегнат конфликти, јавуваат кинеските медиуми.

Путин рече дека Западот во Украина се бори до последниот Украинец, пренесе ТАСС. Си Џинпинг рече дека Пекинг е непристрасен кон конфликтот во Украина и го поддржува мирот и дијалогот. Си изјавил дека разговорот со Путин бил отворен и пријателски.

Путин, исто така, се заканил дека ќе одговори доколку Лондон ѝ испорача на Украина гранати со осиромашен ураниум, што е реакција на изјавите на британски функционер во врска со тоа.

„Денес дознавме дека Велика Британија најави не само испраќање тенкови во Украина, туку и гранати со осиромашен ураниум. Ако тоа се случи, Русија ќе мора да одговори“, нагласи тој.


Од истата категорија