Доктори од Клиниката за радиотерапија и онкологија бараат политиката да ги тргне рацете од клиниката. Во отвореното писмо тие бараат опозицијата да не ја девалвира работата на здравствениот персонал со секојдневните прозивки, пренесува Курир.

-Работиме под стрес, секојдневно прегледуваме и по 600 пациенти во амбулантскиот дел, дополнителен стрес ни се секојдневните прозивки од опозицијата која ја поткопува довербата кон здравствениот систем.

Овие недобронамерни и веќе прочитани “демагогии” на опозициската партија само ја девалвираат работата како на специјалистите, така и на целиот здравствен персонал и газат врз нашиот труд за ситни политички поени.

Веднаш политиката да ги тргне рацете од нашата клиника и да не се злоупотребува оваа состојба, зашто истите предизвици се веќе традиционални и се случуваат неколку години по ред, а целата јавност имаше можност да се увери што досега беше направено, односно ненаправено за клиниката и пациентите.

Да биле толку загрижени истите кои денес критикуваат, немаше апарати да седат во подрум, немаше да има нефункционални онколошки оддели и немаше да има нефункционални скрининзи.

Да беше нешто помрднато со прст сега ќе зборувавме за нови методи, научни достигнувања, но сега мора подобрување на состојбите од некаде да почне.

Судбините на нашите пациенти се наше секојдневие со кое секојдневно сочуствуваме, не ни се потребни политички притисоци, со кои буквално се врши злоупотреба- стои во отвореното писмо на група доктори на Клиниката за онкологија во однос на секојдневните прозивки на опозициски партии.