Грчко-југословенскиот договор за формирање балканска федерација е потпишан на 15 јануари 1942 година во Минстерството за надворешни работи на Британија, а основниот принцип на договорот е „балканот на балканските народи“, меѓу кои, се разбира, воопшто не се спомнува македонскиот народ. Само неколку часа подоцна, двата крала, кралот на Хелените Георги Втори, и кралот на Југославија, Петар Втори Караѓорѓевиќ, кои се наоѓаат во егзил во Каиро, одржуваат говори по повод потпишувањето на договорот а во нив меѓудругото изразуваат надеж дека федерацијата ќе обезбеди „среќа и просперитет на народите на Полуостровот“, дека федерацијата се формира во „интерес на најзините народи“ и дека со неа ќе се направат сосема невозможни „меѓусебните конфликти но ќе се формира и моќна одбранбена воена сила против каков било напад однадвор“
Блаже МИНЕВСКИ
Британскиот политички врв, сметајќи дека Балканот е нивна интересна сфера, која по војната мора да се врати во старата состојба, почнува да заговара формирање на Југословенско-грчка федерација кон која се планирало да се приклучат и други балкански држави, но притоа во сите варијанти воопшто не калкулираат со Македонија како дел од постоечките држави. Во британските документи од тоа време, Македонија не се спомнува како посебна единица, значи, според Британците, сите делови на поделена Македонија остануваат како „територија со народ без име“ во границите на балканските држави.
Идентична надворешна политика на Југославија и Грција!
Во преписката на Форин офисот и дипломатските претставници на Велика Британија при владите во егзил, односно според документите депонирани во Националниот архив на Велика Британија во Лондон, британската политика калкулира со идејата дека една единствена конфедерација, која би се протегала од Балтикот до Медитеранот, би била идеално решение за интересите на Велика Британија во Источна Европа и Балканот. Сепак, според нив, за почеток, најбрзо би можела да се реализра таканаречената балканска федерација. Според телеграма на Џорџ Рендел, амбасадор на Велика Британија при Кралството Југославија во емиграција, испратена до Антони Идн, министер за надворешни работи на Велика Британија, југословенскиот министер за надворешпни работи (Момчило Нинчиќ н.з.) на 15 октомври 1941 година во „доверба ме информира дека претходниот ден му го доставил на грчкиот премиер југословенскиот предлог за она што тој го опиша како евентуална ’унија’ на Југославија и Грција“. Според овој предлог, Југославија и Грција по војната би формирале единствена царинска и монетарна унија, но би ги обединиле и воените ресурси и би одржувале заедничка армија. Тие, исто така, би следеле идентична надворешна политика, кон која би се приклучила и Бугарија, но, според британските ’експерти’, Георги Димитров и Коста Тодоров не се тип на луѓе кои се „способни да донесат мудри и далекусежни политички одлуки“, а грчкиот премиер во егзил, Емануел Цудерос, се уште не се изјаснил за конкретниот план за формирање на ваква федерација. Веднаш потоа специјален ’експерт’ на Форин офисот стапува во контакт со грчкиот премиер Цудерос, кој соопштува дека југословенскиот предлог за федерација би го третирале ’топло’ или ’ладно’ само ако Бриранците, односно Владата на Неговото височество, кралот Џорџ Шести, даде таква препорака. Притоа, според Цудерос, неговата држава веднаш би можела да направи „сојуз со Велика Британија за повоениот период и да понуди бази во Грција“. Дваесетина дена подоцна, во ноември 1941 година, поточно на 4 ноември 1941 година, друг ’експерт’ на Министерството за надворешни работи на Велика Британија информира дека „Цудерос во никој случај не се противи на идејата за Грчко – југословенска или Балканска федерација“, а од наша страна му беше пренесено дека „со формнирањетао на ваква федерација по војната“, Грција потоа сигурно нема да има потреба да се грижи за „стратегиската граница меѓу односните држави“. Следниот месец Цудерос ја прифаќа комплетната предлог- платформа за федерација што ја нуди Јусгославија, освен делот за функционирање на армијата, сметајќи дека не е „паметно веднаш да се оди на една армија за двете земји“, иако Грција е подготвена да „прифати идеја за заеднички генералштаб“ или некаква друга форма преку која би се контролирале двете армии. Во декември 1941 година, Министерството за надворешни работи на Велика Британија донесува Меморандум за Грчко- југословенската федерација, без Македонија, се разбира, во кој, меѓудругото, се нотира дека „грчката влада сака да го промени југословенскиот план на таков начин што ќе ја ослабне концепцијата на федерацијата, предлагајќи договор сличен на оној од пред војата во лицето на Балканската антанта“, а истовремено инсистирајќи на „отфрлање на сите повикувања за царинска унија“, како и не подржувајќи формирање „постојано биро за извршување на одлуките на федерацијата“. Во британскиот Меморандум понатаму се вели дека „државниот секретар на 25 ноември се расправаше со премиерот на Грција, подржувајќи го југословенскиот план, па Цудерос вети дека ќе го преиспита својот став“. Во истиот Меморандум се подвлекува дека, доколку Бугарија сака да влезе во федерацијата, мора да се „прилагоди во корист на Грција и Југославија“. Ставот на Грција во однос на Турција е дека таа треба да влезе во Федерацијата, но само ако е подготвена да отстапи дел од националната сувереност на федерално ниво. Доколку не сака да влезе под тој услов, тогаш би било добро да влезе макар и во некаков конфедерален однос, кој ќе биде битен за формирање „бедем против германските и руските планови“ во тој дел на Европа.
Славна иднина на Грција, пријател и сојузник на Југославија!
Следејќи ги активностите околу формирањете на Грчко – југословенската федерација, ’експертите’ во Министерството за надворешни работи на Велика Британија редовно известуваат за секој предлог или промена на ставот во едниот или во другиот табор, доаѓајќи до констатација дека, доколку федерацијата се прошири со Романија, Албанија и Бугарија, „ниту една единица нама да биде толку силна за да им пркоси на останатите“, а со тоа ќе „имаме најдобра шанса да му се спротивставиме на руското влијание сега и во подалечна иднина“ на Балканот. Во таква атмосфера, токму на 31 демкври 1941 година, ’експертот’ Дикинсон известува дека тоа утро грчкиот премиер го информирал дека наскоро очекува да го потпише во Лондон договорот со Југославија под покровителство на Владата на Неговото величество, Џорџ Шести. Според информациите што ги имале Британците, САД „срдечно поддржуваат еден таков договор; Турската влада гледа на него со доза на недоверба, додека Советската влада дава многу топол прием на договорот“. Грчко-југословенскиот договор во однос на формирање балканска унија е потпишан на 15 јануари 1942 година во Министерството за надворешни работи на Британија, а основниот принцип на договорот е „балканот на балканските народи“, меѓу кои, се разбира, воопшто не се спомнува македонскиот народ. Само неколку часа подоцна, двата крала, кралот на Хелените, Георги Втори, и кралот на Југославија, Петар Втори Караѓорѓевиќ, кои се наоѓаат во егзил во Каиро, одржуваат говори по повод потпишувањето на договорот а во нив меѓудругото изразуваат надеж дека федерацијата ќе обезбеди „среќа и просперитет на народите на Полустровот“, дека се формира во „интерес на најзините народи“ и дека со неа ќе се направат сосема невозможни „меѓусебните конфликти а ќе се формира и моќна одбранбена воена сила против каков било напад однадвор“ По завршувањето на својот говор, југословенскиот крал наздравува со почит кон „славната иднина на Грција, пријател и сојузник на Југославија“. Следните неколку дена грчкиот печат во САД, на пример, со воодушевување го коментира потпишувањето на договорот за федерација меѓу Југославија и Грција, без Македонија, пишувајќи дека ваквиот договор е „историски договор за грчката и југословенската нација“, и дека тој ќе го „запечати старото пријателство меѓу Грција и Србија“.
Според проф. д-р Тодор Чепреганов, кој последниве две децении интензивно истражува во британските и американските архиви, Кралството Грција и Кралството Југославија, подготвувајќи ја својата федерација, воопшто не ја спомнале Македонија и македонскиот народ во нивниот план за „среќа и просперитет на народите на Полуостровот“. Во документите на Форин офисот, пак, „македонскиот проблем“ првпат се спомнува дури во мај 1943 година во писмото на Џорџ Реднал, амбасадор на Велика Британија при Кралството Југославија во емиграција, испратено до Ормер Сарџент од Министертвтоо за надворешни работри на Велика Британија: „ Грција полесно ќе се справи ако Бугарија биде во унијата, отколку ако подоцна таа ги наметне сите видови неразумни услови за прием“. Од друга страна, пишува Рендел, ако Бугарија ѝ се придружи на јужнословенската држава а со тоа и на на грчко-југословенската федерација, една од последиците секако ќе биде да ѝ се даде некој вид автономија на Македонија: „Лично секогаш сум чувствувал дека соодветно решение за македонскиот проблем е Македонија да биде одделна единица во пошироката унија врз основа на еднаквост со Србите и Бугарите“, пишува Рендел, додавајќи дека „југословенско-бугарската унија би била толку голема и силна што ќе ја засени целата Балканска федерација, иако тоа зависи и од фактот дали Турција ќе се приклучи на конфедерацијата или не: „Ако наша цел навистина е да се спречи Русија во формирање империјалистичко влијание на Балканот, тогаш Турција сигурно ќе биде охрабрена да се придружи на конфедерацијата. Ако се придружи, Турција ќе биде повеќе од рамнотежа на било која југословенско-бугарска унија, а ако конфедерацијата подоцна се прошири, да речеме, од Љубљана до Дијарбекир, тогаш таа конфедерација мора да има соодветна цврстина и сила, односно не треба да има слаба алка во средината…’, завршува британскиот дипломат Џорџ Рендел, кој прв ја спомнува Македонија како одделна единица во пошироката унија врз основа на „еднаквост со Србите и Бугарите“.