Премиерот Христијан Мицкоски денеска ќе присуствува на поставување камен-темелник за нов Дом за стари лица во Општина Зрновци.

Како што информираат од владината прес-служба, според проектот површината на објектот е 1.600 метри квадрати, а капацитет на домот е за 64 легла.

Ова е приватна инвестиција на компанија Еко Пак Хит – Кочани, додека пак Општина Зрновци ја има спроведено комплетна процедура за добивање позитивно мислење од Владата за отуѓување на градежното земјиште.

Проектот е од витално значење за источниот регион, со фокус на подобрување на условите за социјална заштита на највозрасните граѓани и обезбедување квалитетна грижа во современи услови.

На настанот најавено е присуство на градоначалникот на Зрновци, Борчо Коцев, претставници од инвеститорите, како и митрополитот Брегалнички Иларион, кој ќе изврши осветување на темелите на новиот објект.