Членовите на Здружението на пациенти со механичка циркулаторна потпора на работата на срцето и нивните поддржувачи „Храбро Срце“ се револтирани поради тоа што релевантните институции (Министерство за здравство и ФЗОМ) досега не исполниле ниту едно од нивните барања, а за кои добиле ветувања. Имено, овие пациенти имаат вградено пумпи на срцето, некои една, некои две истовремено како мост до трансплантација на срце. Овие пациенти живеат приклучени на батерии или на струја, нивниот живот нималку не е лесен, па поради тоа на почетокот од годината биле на состаноци со двете погореспоменати институции. До денес, не добиле никаков одговор.
– Во изминатиов период додека Министерството за здравство е сконцентрирано само на состојбата со Ковид 19, ние за два месеца изгубивме двајца пациенти. Пред една недела почина нашиот Исмет, единствениот пациент со пластично срце за кого беше најитно да се изврши трансплантација. Според комплексноста на таа машина TAH што ја имаше тој, според сите научни истражувања преодниот период до трансплантација е многу краток, од 6 месеци до 1 година. Тој издржа 14 месеци чекајќи и надевајќи се за таа трансплантација која му беше ветувана од сите институции и установи. Во моментот не се извршени тие таканаречени HLA типизации кои служат за утврдување на компатибилноста на потенцијаниот орган доколку е достапен. Исклучок од сите пациенти беше токму тој, единствениот со TAH машина на кој му беа извршени типизациите, но во време на пандемијата не се најде срце за него. Битката ја изгубивме, но продолжуваме со борбата.“ – велат членовите на Здружението.
Тие остро ја осудуваат незаинтересираноста за нивните барања иако во јавност беше изјавено дека започнува трансплантација на срце, има одделено буџет за таа намена, има стручни кардиохирурзи, има услови, но се нема донори.
– Па како да имаме донори кога 90% од населението не ни знае како гласи Законот за трансплантација кај нас. Дека секој е потенцијален донор. Годишно толку луѓе гинат во сообраќајни незгоди кои за жал, неретко завршуваат со смртен исход, па така, органите под земја не служат за ништо, со нив може да се спасат дури 8 животи. Исто така, имаме листа на чекање на пациенти за срце, но не се сите на таа листа. Имаме член кој сè уште не е на таа листа. Подготовката за трансплантација кај нас трае многу години, но без ниедна реализација до ден-денес, а нам секој ден ни е важен. Ова е само преодна фаза до трансплантација, не трајно решение.“- велат од Здружението.
Повикуваат на итно започнување на реализирање на нивните барања и исполнување на ветувањата затоа што, како што велат, „ако во нашата земја се извршија успешни операции за вградување на овие комплесни машини, трансплантацијата во светот се третира како рутинска интервенција и чини двојно поевтино од цената на овие уреди.
– Каде е проблемот? Кога ќе направиме чекор напред од оваа мртва точка која трае со години наназад? Уште колку човечки животи треба да згаснат за надлежните да покажат интерес за нас? Да покажат и докажат на дело реализација на таа долгонајавувана трансплантација, но ниту еднаш нереализирана, се поставените прашања на членовите на Здружението.