Институциите со месеци си ја префрлуваа топката за тоа кој е одговорен што никотинските ќесички, популарно наречени „снус“ се лесно достапни до малолетните лица и како се наоѓаат лесно доаѓаат на пазарот и покрај наводната забрана за увоз. Законска регулација за овој производ нема, а медиумите во изминатите месеци во повеќе наврати пишуваа на оваа тема.
Владата денеска информира дека ја усвоиле Информацијата од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, за законски основ за никотински вреќички. Задолженија добиле повеќе надлежни органи и институции, меѓу коишто првенствено до Министерството за здравство.
-Ова министерство треба да изработи анализа со којашто ќе се утврди дали никотинските вреќички се безбедни за населението од здравствено токсиколошки аспект и дали производот треба да биде во слободна продажба во Република Северна Македонија, или при евентуално одобрување на пазарот треба да се стави забрана за продажба на лица помлади од 18 години.
Владата го задолжи Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство да формира работна група со претставници од Министерството за здравство, Министерството за економија, Министерството за финансии – Царинска управа, Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство – Државен инспекторат за земјоделство и Агенцијата за лекови и медицински средства на Република Македонија (МАЛМЕД), којашто ќе треба да изработи компаративна анализа на законодавството за проблематика во врска со никотинските вреќички во ЕУ и Западен Балкан, како и да даде предлози за изменување и дополнување на прописите во областа со којашто се регулира здравствената безбедност, прометот, даноците и акцизите за никотинските вреќички во државава, а врз основа на изготвената анализа од Министерството за здравство, информираат од Владата.
Никотинските ќесички содржат влажен и мелен тутун што се сместува меѓу усните и непцата каде што плунката ја раствора содржината на пакувањето. Според експертите, станува збор за опасна „играчка“ што се шири кај младата популација, најчесто претставена како нешто што е безопасно, што не предизвикува зависност, како нешто што е интересно и модерно.
Овој производ, според експертите, е произведен од страна на тутунската индустрија, како производ за откажување од пушење.
Снус обезбедува чувство на релаксација и задоволство, го подобрува расположението – сè што никотинските производи им прават на луѓето и предизвикуваат зависност.
Овој никотински производ содржи висок процент на никотин, многу поголем од цигарите, па затоа полесно создава зависност.