Фудбалерите на Баерн Минхен ја обезбедија денеска деветтата последователна шампионска титула во Бундеслигата, откако нивниот единствен конкурент во трката за трофејот Лајпциг загуби на гостувањето кај Борусија Дортмунд со 3:2.
На две кола до крајот на сезоната, поразот го остави Лајпциг на второто место со 64 бодови, седум помалку од Баерн спроти вечерашниот дуел на „баварците“ на домашен терен од 18:30 часот против Борусија Менхенгладбах.
Шампионската титула е единствениот трофеј сезонава за Баерн Минхен по нивната елиминација претходно во германскиот Куп и Лигата на шампиони.
Во преостанатите три натпревари денеска во рамки на 32. коло во Бундеслигата, Волфсбург направи чекор напред кон обезбедување место во Лигата на шампиони со триумфот дома од 3:0 над Унион Берлин, Хофенхајм со 4:2 го совлада Шалке, а без голови заврши натпреварот меѓу Вердер и Баер Леверкузен.