За една година откако Градот Скопје ја воведе забраната за дотур на стока во центарот на градот, Министерството за внатрешни работи изрекло 227 казни.
До Градот секојдневно стигнуваат поплаки од граѓани кои упатуваат на непочитување на Одлуката за забрана за вршење дотур на стока во централното градско подрачје во периодот од 7:30 до 18 часот.
Градот Скопје во денешното соопштение апелира до дистрибутерите да ја почитуваат Одлуката, за да се намали сообраќајниот метеж во овие делови од градот, а со тоа да се намали и загаденоста.
Изминатиов период Градот Скопје и општината Центар заедно со МВР спроведоа акции за санкционирање на дистрибутерите што не ја почитуваат забраната, со цел расчистување на сообраќајниот метеж и застоите во централното градско подрачје и ослободување на тротоарите за пешаците.
Надлежноста за контрола и казнување на овој вид сообраќај ја има Министерството за внатрешни работи.
Советот на Град Скопје годинава донесе одлука за трајна забрана за запирање на возилата за доставување стока во централното градско подрачје во периодот од 7:30 до 18 часот. Измените на Одлуката претставуваат дел од препораките на Владата на Република Македонија, со цел намалување на загадувањето.
Забраната во согласност со Одлуката на Град Скопје важи за центарот на градот, односно за потегот од улицата Франклин Рузвелт до Транспортниот центар, од булеварот Илинден до крстосницата кај ТЦ „Мавровка“, односно од булеварот Митрополит Теодосиј Гологанов до Јужен булевар, додека забраната согласно со Одлуката на Општина Центар важи за сите сервисни улици на територијата на општината.
Возилата за дотур на стока можат да се движат низ центарот да градот, а стока да носат во дуќаните само ако се паркираат на паркинзи, но не смеат да ја истовараат стоката застанувајќи на улица и на тротоарите.