Црногорските здравствени власти, седмиот ден по парламентарните избори, бележат повеќе од 100 нови инфицирани.

Членовите на кризниот штаб си даваат оставки бидејќи надлежните служби не забранија политички митинзи на власта и опозицијата.

Црногорскиот институт за јавно здравје вчера потврди нови 106 заразени вкупно 380 тестирани Црногорци, што покажува дека речиси секој четврти примерок е позитивен.

Исто така, регистрирана беше 100-тата жртва на коронавирусот од почетокот на вториот бран на инфекцијата, додека во првиот бран починаа само девет заразени.

Директорот на Институтот за јавно здравје смета дека епидемиолошката состојба во Црна Гора станува сè посложена, дека ширењето на инфекцијата се забрзува и дека расте бројот на заразени, што според него значи, дека ќе се зголеми бројот на сериозно болни и смртни случаи.

„Заради настаните во последните 10-20 дена, со масовните собири, ќе имаме пораст и се плашам дека ќе стане се поголем“, рече тој, повикувајќи ги сите да се воздржат од масовни собири за да се намали епидемиолошки ризик.

Заради слабата реакција на надлежните органи во врска со организирањето на масовни партиски собири, двајца лекари, епидемиологот Немања Радојевиќ и претседателот на кризниот здравствен штаб Ранко Лазовиќ, поднесоа оставка од членството во тоа тело.