Околу 18 илјади Турци станале милионери, откако вредноста на турската национална валута, лирата, достигна рекордно ниско ниво, информира „Хуриет дејли њуз”.
Бројот на турски милионери се зголемил во последните пет месеци од 138.980 на 156.866 со падот на лирата, покажуваат податоците на Агенцијата за банкарска контрола и регулација.
Турските милионери во земјата и во странство имаат вкупно 1,37 трилиони турски лири. Од нив 141.753 живеат во Турција, а 15.133 во странство. Просечно на секој од турските милионери му припаѓаат по над шест милиони лири.
Годишната инфлација во Турција се зголеми над 15 проценти во минатиот месец, првпат по околу 15 години, напомнува весникот. Турската лира, истовремено, загуби речиси 20 отсто од својата вредност во однос на доларот оваа година.