Воздушниот простор над холандскиот град Ајндховен вчера беше затворен за цивилен и воен сообраќај неколку часа откако неидентификувани дронови беа забележани во близина на аеродромот.

Инцидентот уследи откако еден ден претходно беа забележани беспилотни летала и над военовоздухопловната база Волкел. Холандската армија стрелаше врз дроновите, но тие успеаја да го напуштат холандскиот воздушен простор.

Базата Волкел не е само клучна за Кралските воздухопловни сили на Холандија, туку во неа во составот на НАТО сместена е ескадрила на воздухопловните сили на САД.

Изминатите недели беа пријавени слични инциденти и над други военовоздухопловни бази во Холандија, но и над воени објекти во соседните Белгија, Данска и Германија.

За упадот на дроновите е обвинета Русија дека води хибридна војна. Но, Кремљ негираше каква било поврзаност со претходните упади во воздушниот простор.

Како одговор на зголемените закани, министрите за одбрана на десет земји од Европска Унија се согласија да создадат „ѕид од беспилотни летала“, додека поединечните земји работат независно на зајакнување на своите системи за одбрана од дронови.