Демократскиот сојуз ги повикува сите пратеници да не гласаат за законите предложени од Владата во врска со изградбата на автопатските делници на коридорите 8 и 10 д, за да се спречи криминал со огромни димензии.
Владата бара по секоја цена да бидат изгласани петте закони во парламентот и тоа со европско знаменце, со што ќе се амнестираат од кривична одговорност министрите и потписниците на договорот со БЕХТЕЛ и ЕНКА.
Потсетуваме дека за злоупотребата на европското знаменце реагираше и Делегацијата на ЕУ во Скопје, што секако негативно ќе се одрази на нашите евроинтеграции, велат од ДС.
Демократскиот сојуз алармира дека флагрантно кршење на начелото на владеењето на правото е прво да потпишете договор, а потоа врз основа на тој договор да ги менувате законите. Доколку пратениците гласаат, тогаш одговорноста паѓа врз нив, затоа што досега не го виделе договорот, а предупредени се дека договорот има коруптивни елементи, дека со решенијата во договорот можно е градбата на коридорите 8 и 10 д да поскапи и наместо 1,3 милијарди евра, да чини над 2 милијарди, пари кои треба да ги плаќаат граѓаните.
Договорот мора да биде усогласен со законите кои се на сила и за евентуалните пенали или поскапување на градбата, наводно поради можно пролонгирање на роковите, одговорност ќе сносат тие што го прифатиле и потпишале.
Инаку, Демократскиот сојуз инсистира, Договорот во интегрална форма до биде доставен до сите пратеници.