Суд во Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) денеска го осуди 31-годишниот Британец Метју Хеџис на доживотна затворска казна, под обвинение за шпионажа.
Хеџис, кој е докторант по англиски јазик на Унверзитeтот „Дарам“, беше уапсен на аеродромот во Дубаи на 5 мај годинава.
Шефот на британската дипломатија Џереми Хант изјави дека е шокиран од пресудата и најави дека ќе отпатува за ОАЕ.
– Ова не е нешто што го очекуваме од пријател и доверлив партнер на Велика Британија и е во спротивност со претходните најави, истакна Хант.
Тој нагласи дека овој случај ќе има „последици по односите меѓу двете земји, кои треба да бидат засновани на доверба“.