Обединетите Арапски Емирати потпишаа договор за воведување на летечка такси услуга до 2026 година, а Дубаи ќе стане првиот град во светот кој ќе почне со комерцијалната такси услуга, јавува Анадолија.
Новинската агенција Емирати објави на платформата X дека воздушното такси „Joby Aviation S4“ е дизајнирано да прими пилот и четворица патници и има нула емисија на издувни гасови.
Таксито, со максимален опсег на лет од 161 километар и максимална брзина од 320 километри на час, ќе биде достапно во близина на меѓународниот аеродром во Дубаи, центарот на градот, Дубаи Марина и Палм Џумеира.
Времето на патување помеѓу Меѓународниот аеродром и Палм Џумеира, кое во моментов трае 45 минути со автомобил, ќе се намали на 10 минути со летечкото такси.