Над 40.000 луѓе го следеа разговорот на Инстаграм меѓу двајца најпопуларни светски тенисери, Роџер Федерер и Рафаел Надал.
За време на разговорот, Шпанецот изјави дека тој има само кондициски тренинзи дома и дека не излегол на теренот од почетокот на март, откако се подготвувал за турнирот во Индијана Велс, кој беше откажан заради коронавирусот.
– Совршено! Значи, нема да можете да играте тенис кога ќе се вратите, рече Федерер со насмевка. „Па, се надевам дека не сум заборавил како се удира топката“, му врати Надал.
Федерер, исто така, зборуваше за неговите карантински активности, откако беше подложен на операција на десното колено во февруари.
– Мои тренинзи? Ја удирам помалку топката во ѕидот, се опоравувам од операцијата на коленото. Тоа ми е веќе добро. Првите шест недели не беа лесни, но јас сум во ред. Сепак, ова е моја втора операција и имав идеја што да очекувам. Се надевам дека нема да имам трета, барем до крајот на мојата спортска кариера. Ако има нешто позитивно сега е дека имам многу време, нема каде да брзам, рече Швајцарецот кој има освоено рекордни 20 Гренд-слем титули.
Тој го праша Надал зошто игра со лева рака откако ја користи десната рака за сè друго.
– Јас правам сè друго со десната рака, освен тенисот и фудбалот. Едноставно не можам да играм со десната. На почетокот започнав со тренинзи со двете, но сега веќе не можам да играм со десната, објасни Шпанецот, кој има 19 трофеи од „големата четворка“.
Двајцата зборуваа и за состојбата во нивните матични земји.
Надал објасни дека на почетокот на карантинот се чувствувал депресивен, но веќе настојувал да погледне попозитивно на нештата.
Тој рече дека помага во обезбедување храна и хигиена производи на сиромашните семејства во Палма де Мајорка, а 85 млади играчи, тренери и персонал за поддршка живеат во изолација на академијата Манакор.
Во разговорот меѓу двајцата се вклучи и британскиот тенисер Енди Мареј, кој не пропушти да се пошегува со Надал во коментарите, откако Шпанецот имаше проблеми со вклучувањето на Федерер во разговорот.
– Брилијантно. Може да го освоиш Ролан Гарос 52 пати, но не може да се справиш со Инстаграм, коментираше Мареј, осврнувајќи се на рекордните 12 титули на Шпанецот на турнирот во Париз.
Двајцата зборуваа и за нивните животи во изолација, при што Мареј рече дека тој често игра видео игри.
– Синоќа играв како тебе против Роџер на земја. Јас не сум вклучен и не можам да се бирам себеси и затоа те одбрав тебе. Твојот лик играше неверојатно, но по првиот сет, тој изгледаше крајно уморен. Си помислив дека тоа е нешто што сум го видел кај тебе во вистински тенис. Ако требаше да изберам некој друг, веројатно ќе беше Ник Кириос, рече Мареј.