Македонскиот фудбалски репрезентативец Аријан Адеми поради повреда многу веројатно ќе го пропушти натпреварот против Грузија на 12 ноември во Тбилиси за пласман на Европското првенство.
– Аријан Адеми заработи повреди во неделата на загревањето пред првенствениот меч на својот Динамо Загреб против Истра. Медицинските прегледи кој му беа направени од нашиот лекарски тим во Скопје потврдија дека Адеми има парцијална руптура на предната ложа. Шансите да закрепне и да биде во конкуренција за настап за натпреварот во Грузија се минимални, објави ФФМ на својата веб-страница.
Селекторот Игор Ангеловски го повика Енур Тотре, а фудбалерот од средниот ред на тетовска Шкендија веќе е приклучен на репрезентативниот тим за ноемвриските натпревари кои следуваат.
Нашата најдобра репрезентација денес ќе тренира на тренинг центарот „Петар Милошевски“, а утре со чартер-лет патува за Тбилиси.
Натпреварот за пласман на ЕУРО 2020 се игра в четврток со почеток во 18 часот.