Здружената албанска опозиција, однсоно Европскиот сојуз за промени ја обвинува ДУИ за отпуштања и реваншизам. Разрешен е дури и раководител на Катедрата за албански јазик во Средното музичко училиште по 15 години работа, објавува ТВ АЛСАТ.
Според разрешениот Мустафа Имери, станува збор за реваншизам поради објавување на фотографија со поддршка на Изет Меџити. Според Имери, оваа појава е реалност во сите институции во државата, но и за стопанството и граѓаните.
„Јас сум Мустафа Имери, професор, тенор и 15 години раководител на Катедрата за албански јазик во средното музичко училиште „Илија Николовски-Луј“, поточно од нејзиното основање. До вчера. Затоа што семоќните владетели одлучија поинаку. Ме избркаа затоа што пред неколку дена на социјалните мрежи јавно поддржав поинакво мислење, односно беше објавена фотографија со еден од лидерите на Европскиот сојуз за промени, Изет Меџити. Поминаа 15 години неуморна работа, максимална, професионална посветеност и едукација на децата од областа на уметноста. Каква порака е ова за професионалците кај нас и дали разбирате колку е низок овој удар. Дали разбирате зошто секој ден уметниците и професионалците бегаат од Македонија“, рече Имери.