Демократската унија за интеграција со соопштението обвини дека неделава во Државниот архив на Македонија се вработиле 14 Македонци и ниту еден Албанец, премолчувајќи ја фалбата на поранешниот заменик-директор на Архивот од ДУИ, Музафер Бислими, дека во оваа институција уште лани 40 проценти од вработените биле Албанци, иако во вкупното наделение и според фаличниот последен попис се 24,3 отсто.

„Оваа недела во Државниот архив на … Македонија се ангажирани 14 нови вработени – сите Македонци – и ниту еден Албанец. Овој шокантен дисбаланс не е случаен, туку симптом на една поширока и загрижувачка појава – систематското исклучување на Албанците од институциите на државата“, обвинија од партијата на Али Ахмети.

„Една од клучните институции за меморијата и идентитетот на државата целосно е претворена во моноетнички бастион. Сето ова се случува во период кога институциите систематски се напаѓаат во поглед на мултиетничката застапеност. Наместо да се негува соживот и рамноправност, сведочиме на планско елиминирање на Албанците од јавниот сектор“, се додава во соопштението.

Во објава на Фејсбук од 31 јули 2024 година, пак, Бислими, заменик-директор на Архивот до август 2024 година и ексградоначалник на Арачиново од ДУИ, се пофали дека од 2016 до 2024 година бројот на вработени Албанци во Архивот се удвоил од 20 на 40 отсто.