Од ДУИ очекуваат зголемување на тензиите по укинувањето на балансерот за вработувања по етнички клуч. И покрај тоа што претседателот на Уставниот суд отфрли било какви политички влијанија, поранешниот министер за економија и дел од високото раководство на ДУИ Крешник Бектеши во интервју за РСЕ изрази загриженост за одлуките на Уставниот суд и ги прекори уставните судии да внимаваат кога носат сензитивни одлуки.

Според Бектеши се уште траат разговори во сите ограноци на ДУИ за да се разгледаат можните реакции на актуелните политички настани, вклучувајќи ги и протестите кои ги најавуваат подолго време.

Нов закон за правична застапеност што го најавуваат од „Вреди“ како замена за балансерот, од ДУИ би поддржале ако обезбеди рамноправна застапеност на сите етнички заедници во институциите.

„Уставните судии треба да внимаваат кога ги носат овие одлуки кои се сензитивни и не ја водат државата напред туку ја враќаат назад пред Охридскиот рамковен договор каде што можат да растат тензиите во нашата држава, a ДУИ работи интензивно тоа да не се случи… Господинот Мицкоски го толкува ова од првиот ден откако е станат премиер и кажува дека ДУИ организира можна дестабилизација. Јас мислам дека потезите на Мицкоски и коалицијата Вреди водат кон дестабилизација и тие самите сакаат да дестабилизираат, изјави Бектеши.