Здружението на одгледувачи на медицински канабил „Макканабис“ од Скопје денеска го повика собранискиот спикер Талат Џафери да го стави на дневен ред на собраниска седница Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции.
Здружението смета дека е потребно Законот да биде усвоен во најбрз можен рок, „за да се спаси индустријата“. „Макканабис“ потестува дека Законот беше повлечен, а потоа и вратен во Собранието под итна постапка, а треба да се донесат и сите подзаконски акти.
– Врз основа на нашите податоци досега веќе има 740 вработени во оваа индустрија. Есенцијално е потребно овој Закон да помине во најбрз можен рок, затоа што веќе имаме голем број вработени, ќе следи развојот со новите законски измени, затоа што не е само регулација на можноста за извоз на цвет. Се регулира развојот на оваа гранка, ќе ја развиеме сериозно оваа гранка и ќе покажеме на светот дека знаеме нешто да произведеме, што е во рамки на законитоста и во рамки на подобрување на здравствената состојба и имплементација на сите пациенти за кои лекот ќе биде достапен. Потребно е на сите во државава лекот да им биде достапен, бидејќи врз основа на најновите истражувања имаме сериозни резултати и медицински докажувања, истакна претседателот на Здружението, Костадин Дуковски.
Членот на Управниот одбор на „Макканабис“, Јане Севдински изјави дека од 2016 година кога е донесен Законот, па досега, не е донесен ниту еден подзаконски акт, кој ќе ја доуреди и ќе ја развие оваа дејност. Тој посочи дека постојано апелираат да се донесе Законот, бидејќи одат на светски саеми и конференции за канабис и гледаат дека светот оди напред со големи чекори.
– Земји кои во 2016 година беа светлосни години зад нас сега се светлосни години пред нас заради несериозниот однос на нашите институции кон оваа дејност. Се играат некои игри во позадина, кои не дозволуваат овој Закон да биде донесен и да се овозможи развој на оваа дејност. Апелираме Собранието додека е во овој состав да го донесе Законот за да овозможиме и нови вработувања во нашите фирми. Извозот на цвет од државава во моментов е нула евра, бидејќи законски е забранет, нема продажба, немаме на кого да продаваме. Има некои фирми кои прават производи од канабис, како што е „Реплек“, но тие досега го купуваа цветот од надвор, а дали ќе купуваат од нас тоа зависи од нив. Од оваа дејност претпоставуваме дека во државава има 40 компании кои имаат лиценца, истакна Севдински.
Тој посочи дека цветот е органска материја, со текот на времето губи од своите состојки кои ги содржи, а загубите за половина година од денот кога е набран цветот ќе бидат сто отсто.
Дуковски, пак, рече дека залихите во цветови се над 50 милиони евра.
– Не е само законот, не чека многу работа, треба да се донесат и сите подзаконски акти кои треба да ги применуваме. Немаме ниту еден подзаконски акт. Не знаеме што со ѓубрето, имаме третирање, но пак во него има количина на ТХЦ и на ЦБД. Не знаеме што понатаму со тоа. Откако ќе се формира Агенцијата за канабис таа ќе ни биде коресподент. Не може министерот за здравство да ни врши работи. Агенцијата ќе треба да се занимава со тоа и таа е по основ на директива на ЕУ. Германија не прашува дали имате Агенција, ние кажуваме немаме и така што од тие причини ние не можеме да ги исполниме условите за извоз, рече Дуковски.
Со оваа индустрија, појасни тој, бруто домашниот производ сериозно ќе се зголеми и од тие причини политичарите мора сериозно да си ја сфатат улогата.
– Дел од нив можеби инвестираат во овој бизнис, меѓутоа тоа не значи дека не може кој било граѓанин да инвестира. Имам секојдневни јавувања од странски инвеститори кои сакаат да и помогнат на индустијата, ние треба да им дозволиме, потенцира Дуковски.
Тој додаде дека ако има застој од четири месеци некои компании нема да можат финансиски да издржат и ќе следат отпуштања од работа, а за тие кои можат финансиски да издржат нема регулатива за понатаму.