Хрватските власти мора да го запрат насилството врз мигрантите на границата со Босна и Херцеговина и да почнат да ги казнуваат одговорните полицајци, изјави вчера комесарот на Советот на Европа за човекови права, Дуња Мијатовиќ.
Таа истакна дека се уште пристигнуваат извештаи за насилство и покрај тоа што пред две години беа повикани хрватските власти да ги истражат обвиненијата.
– Тоа што уште повеќе загрижува е што извештаите укажуваат дека е зголемено насилството и нехуманото постапување и оти полицајците и понатаму не се казнуваат за сериозното кршење на човековите права, посочи Мијатовиќ.
Таа додаде дека е загрижена поради тоа што хрватската Влада ги отфрла наводите на невладините организации и на истражувачките новинари, како и на меѓународните организации, вклучително на СЕ и на Обединети нации.
Голем број хрватски и меѓународни невладини организации веќе подолг период ја обвинуваат хрватската полиција за систематско лошо постапување кон мигрантите, кои од БиХ се обидуваат да влчезат во Хрватска. Хрватските безбедносни сили се обвинуваат за екстремно насилство, колективно протерување на мигранти и не давање азил.