Дури и неговите ривали Жак Ширак го сметаат за неуморен политички борец, кој од политичките проблеми неретко се извлекуваше и со шарм, пишува Н1 Загреб.
Ширак, кој ја извршуваше највисоката политичка функција во Франција од 1995 до 2007 година и беше сведок на економски проблеми во земјата и немири во предградијата, земјата ја водеше, се чинеше, лесно и дискретно.
Роден на 29 ноември 1932 година, во Петтиот округ на париз, Ширак беше син на деловен директор Франсоа Ширак и Мари-Луис Валет. Како млад човек, тој беше препознатлив по неговата речиси двометарска висина, самодоверба и добар изглед.
Поранешни колеги во еден документарец за него се потсетија дека бил многу тврдоглав во студентските денови. Студирал на Институтот за политички науки во Париз, познат како Sciences Po , а летата ги поминувал на американскиот Харвард.
По дипломирањето, тој се ожени со Бернадет Кодрон де Курсел, љубовта на неговиот живот. Имаа две ќерки, Лоренс и Клод. Лоренс почина во април 2016 година на 59-годишна возраст.
На почетокот на кариерата, додека сè уште не знаеше какво наследство треба да гради, Ширак доброволно заминал во Алжир како помлад офицер во француската армија. Таму поминал една година, бил ранет, а по враќањето во Франција, магистрирал на елитниот колеџ за јавна администрација, познат по создавање на идни владини функционери.
Ширак три години бил државен службеник, пред премиерот Жорж Помпиду да го назначи за шеф на кабинетот. Помпиду, кој ќе биде и ментор на младата политичка ѕвезда во подем, го нарече Ширак „булдожер“ поради неговата тврдоглавост да направи се што е потребно.
Првата политичка кампања на Ширак, поттикната од самиот Помпиду, беше организирана во југозападниот регион Корезе, каде што живееле предците на неговото семејство. Тој сакаше да се поврзе со луѓето во провинцијата и да го избегне високиот сјај на париската политика.
Тој ризик му се исплатеше и освои место во парламентот. Во 1972 година, тој беше назначен на својата прва висока јавна функција и стана министер за земјоделство, а подоцна и за внатрешни работи.
Во 1974 година, Помпиду, тогаш веќе претседател на државата, почина по речиси пет години на власт. Следеше жестока кампања, која на крајот резултираше со нова влада што ја состави Валери Жискар Дестен кој го назначи Ширак за свој премиер.
Огледало на Французите
Конфронтацијата со Жискар околу рамнотежата на моќта го натера Ширак да поднесе оставка во 1976 година и да почне кампања за градоначалник на Париз. Во тоа време, „булдожерот“ ги избруси своите политички идеи и го разви она што го нарече нова деголистичка платформа.
Залагајќи се за силна и независна француска држава со нуклеарни способности, лабаво заснована на позицијата формулирана од Шарл де Гол по Втората светска војна, Ширак основаше политичка партија која стана претходник на Републиканците.
Позиционирајќи се против Жискар на претседателските избори во 1981 година, Ширак ја подели десницата и отвори пат за победа на социјалистот Франсоа Митеран, кој стана премиер со договор за поделба на власта.
После поразот од Митеран во 1988 година, Ширак ја напушти владата и не се врати се до победата на следните претседателски избори пет години подоцна. За време на кампањата, тој ја критикуваше неолибералната економска политика и „социјалниот распад“ на Франција.
Во неговите два претседателски мандати излегуваше на крај со економски тешкотии, вклучително и невработеност и немирите против расизмот и социјалната нееднаквост што избувнаа во предградијата.
Тој беше критикуван поради нуклеарните проби во Француска Полинезија една година пред очекуваното потпишување договор за забрана на проби. Меѓутоа, тој исто така беше и првиот француски претседател кој јавно ја призна одговорноста на својата земја за депортирање на Евреи во нацистичките логори на смртта за време на Вишиевскиот режим.
Ширак исто така беше остар противник на нападот врз Ирак, предупредувајќи дека инвазијата ќе доведе до дестабилизација на Блискиот исток и ќе го охрабри ширењето на тероризмот.
– Како што Франција предвидуваше и стравуваше, војната во Ирак предизвика немири чии ефекти сè уште не се до крај одмотани, рече тој во 2007 година на крајот од својот мандат.
И покрај тоа што Ширак за време на својата политичка кариера имаше добри и лоши потези, стана симбол на францускиот „Savoir faire“ и префинетост.
На прашањето да ја објасни популарноста на нејзиниот татко, во јуни 2016 година неговата ќерка Клод за весникот „Ле Паризиен“ изјави дека „луѓето се природно малку носталгични“.
– Но, исто така, Ширак навистина е огледало на Французите, нивните квалитети и нивните недостатоци.