Носителот на листата на ВМРО-ДПМНЕ во Петтата изборна единица Игор Дурловски вечерва ја праша Радмила Шекеринска по името и идентитетот што е следно на продажба. Дали СДСМ и БЕСА, како што рече, се договориле за кантонизација на Македонија.
-Радмила Шекеринска и Заев немаат многу што да кажат. Но, должни се да одговорат на едно круцијално прашање. Во историјата на демократијата не постои коалиција без заедничка изборна програма. Без усогласени ставови, за суштинските национални прашања. Каде е усогласената изборна програма на СДСМ и БЕСА, и зошто таа не им е достапна на граѓаните. Јавно ја прашувам Радмила Шекеринска дали СДСМ стои зад заложбите на БЕСА со кои се заговара кантонизација на Македонија? Која е вистината, народот мора да знае. Што е следно на продажба? Остана ли уште нешто, праша Дурловски.
Дурловски рече дека на 15-ти јули македонската нација ќе се легитимира како нација која знае да ја почитува и вреднува историјата и да влече поуки од неа.
-Крушево е испишано со златни букви во нашата историја, како место од каде започнал трнливиот пат по кој се градел македонскиот идентитет. Една цела генерација, без ниту еден сојузник од овде ја започнала својата борба за слобода и достоинство. Тој чин на масовна саможртва, ние нема да го заборавиме. Нема да го избришеме од македонската колективна меморија. Ние имаме историска одговорност и нема да дозволиме некој да го реконструира нашето минато. Да го обезличи македонскиот народ и да го гази македонското достоинство. Да ја третира македонската историја како растеглива категорија за политичка добивка. Бидејќи ништо не можат да испорачаат, подготвени се на се. Но, ние тоа нема да им го дозволиме! Јас секогаш сум подготвен за разговор и разменување на мислења, но на овие изгори за жал јас немам соговорник со кого ќе разменувам идеи, концепти и визии, изјави Дурловски.
Тој ги повика крушевчани да гласаат за обнова на Македонија, за враќање на државата на, како што рече, вистинскиот колосек и за историска победа.