Ориз, грав, месо, печурки, зеленчук и овошје се само дел од производите кои ќе бидат на листата од 100те основни прехрамбени и земјоделски производи на акциската кошничка, изјави денеска министерот за економија Бесарт Дурмиши.
Тој во изјавата за медиуми исто посочи дека ќе се прави ограничување на цените во одредено ниво или ограничување на маржата од пет до 15 проценти. Овие акциски кошнички ќе продолжат и во наредниот период ќе има, велигденска, рамазанска, зимска. Оваа мерка ќе биде доставена следната недела до владата со цел да се усвои и како што изјави Дурмиши веднаш ќе се започне со процедура да се почитува таа мерка.
„Овошни производи, храна, ориз, грав. Сите производи кои што им се потребни, побитни на граѓаните во есенскиот период. Сакам да најавам дека оваа акциска кошничка ќе ја продолжиме и во наредниот период, тоа ќе биде зимска кошничка, велигденска, рамазанска“ – рече Дурмиши.
За експертите се уште најавената мерка има доста нејаснотии, како прво не се знае колку време ќе траат одредените кошнички кои се најавени и кои производи конкретно ќе бидат со намалени цени.
– Иницијативата е креативна пред се не знам дали е краткорочна па добро сега зависи кој како го гледа во оваа ситуација уште не е добро дефинирано како ќе ја направат таа кошничка. Сега потрошувачката кошничка ја регулира ССМ тие месечно издаваат сума на пари колку би чинела таа потрошувачка кошничка и што би содржала таа во нејзе. – вели економистот Абил Бауш.
Оваа најавена мерка доаѓа по пожестоките реакции на граѓаните во јавноста и во социјалните мрежи дека цените на храната континуирано се зголемуваат. За разлика од кај нас на светските берзи најголемиот дел од храната со месеци поевтинува. На крајот на месецов треба да стартува законот за нефер трговски практики кој лани се донесе за да се направи ред во ланецот на трговија.