Одлуката за замрзнати цени е подготвена и оставена во фиоката на министерот за економија. Дали ќе биде извадена оттаму зависи од етикетите на рафтовите. Дурмиши на новогодишниот брифинг со новинарите рече дека цените внимателно се следат секој ден. За наглото поскапување на производите кои не се дел од новогодишната кошница, подеднакво ги обвини производителите, дистрибутерите и трговците.

„На моето биро има готова изготвена одлука за замрзнување на цените и доколку Државниот пазарен инспекторат при контролите укаже на злоупотреба на цените на основните производи, веднаш по еден час ќе биде донесена одлука на Влада за воведување на таква мерка“ – изјави Бесар Дурмиши, министер за економија и труд.

Кон средината на следниот месец ќе се знае дали новогодишната кошница ги дала посакуваните резултатите. Ако се покаже дека нема ефект, велигденската и рамазанската ќе се носат со владина одлука за замрзнување на цените.

Во меѓувреме, од 1 јануари ќе може да се пишуваат казни доколку не се почитува законот за нефер трговски практики. Комисијата за заштита на конкуренцијата е екипирана и ќе може да контролира.

„Со Законот ќе има регулирање на деловните односи меѓу производителите, добавувачите и трговците што на подолг рок ќе доведе до стабилизирање на цените во малопродажбата“ – изјави Марјан Ристески, заменик министер за економија и труд.

Покрај ограничениот рабат, забрането е наплаќањето за маркетинг и истакнување производи на полица. Казните за непочитување се до 20 илјади евра.