Ракометниот стратег Талант Душебаев официјално е назначен за нов селектор на Франција, но во истовреме ќе продолжи да биде тренер на полски Киелце.

Душебаев на селекторската клупа седнува на местото на Гијом Жил, на функцијата тренер на француската репрезентација, објави Француската ракометна федерација на социјалната мрежа Икс.

Киелце, исто така, објави дека 57-годишниот тренер ќе ги преземе обете улоги.

Киргистанецот со шпански пасош и во минатото еден од најдобрите ракометари во светот, рече дека му претставува голема чест да ја тренира француската репрезентација.

„Всушност, тоа е нешто што го сакав повеќе од сè, бидејќи Франција има фантастична генерација играчи“, изјави Душебаев за веб-страницата на Француската ракометна федерација. (МИА)