Претседателот на Филипини, Родриго Дутерте изјави денеска дека неговата кампања против дрогата во иднина ќе биде многу поинтензивна.
Според него, проблемот со наркотици е прашање на национална безбедност.
– Нема да дозволам мојата земја да заврши како пропадната држава поради дрогата, рече Дутерте.
Тој не појасни како ќе ја интензивира кампањата за време на која полицијата уби повеќе од 5.000 луѓе, откако тој ја презеде должноста претседател.
На новинарско прашање дали кампањата ќе биде „покрвава“, тој рече дека најверојатно ќе биде.
Дутерте го освои претседателскиот мандат со голема разлика во гласовите во 2016 година на основа на ветување за искоренување на дрогата и криминалот.
Неодамнешните истражувања на јавното мислење покажуваат дека и натаму тој има голема поддршка, како и кампањата што ја спроведува против дрогата.