Министерот за здравство Венко Филипче, на пратеничко прашање на пратеникот Кирил Пецаков од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ за двомесечното доцнење на лекот „Калидеко“, кој им беше ветен на три болни деца на почетокот на јули, рече дека се надева оти за кратко време тој ќе стигне во нашата држава.
– Тој лек е за деца со цистична фиброза, кои имаат специфична генетска мутација. Лекот не може да им се даде на сите со таква болест, туку се идентификуваа три деца на кои и им се даде терапијата. Тој лек претходно го немаше во нашата земја. Стручниот тим на Клиниката за педијатрија имаше задача да го евалуира ефектот од лекот. Видовме дека тој навистина има ефект и го внесовме во нашата програма. Тоа е тој период, во кој сега чекаме да заврши процедурата. Беше најавено дека ќе пристигне. За жал, роковите се одолговлекуваат. Јас сум речиси секојдневно во комуникација со членовите на семејствата на децата и мислам дека за навистина кратко време ќе стигне во нашата држава, со што децата ќе продолжат со терапијата, која првпат ја добија, а која навистина им е потребна, објасни министерот Филипче.
На дополнително прашање на Пецаков, кога точно ќе стигне лекот, министерот рече дека следната недела треба да заврши целата постапка.
– Нас ни беше најавено од компанијата, која е единствена што го произведува лекот, дека ќе стигне тогаш кога кажавме. Верувам дека ќе биде следната недела. Но, не сакам повторно да се потпрам на нивните најави, затоа не кажувам точен датум, изјави министерот за здравство.
Во однос на едномесечното доцнење на инхалаторната терапија, министерот рече дека тоа не е во рамки на Министерството за здравство, туку болницата Козле. Тој рече дека ќе се распраша за проблемот и ќе му одговори на пратеникот Пецаков во писмена форма.