Дваесет проценти од училиштата се уште имаат проблем со онлајн наставата, се вели во прилогот на ТВ 24. Немаат пристап до Интернет, ниту пак ги имаат потребните уреди за да држат предавања од далечина. Ова денеска го потврди и министерката за образование и наука, која вели дека проблемите се решаваат тековно.
Сепак Владата се правда дека и во развиените земји добрите резултати кај учениците не биле резултат на технологијата, туку на квалитетниот наставен кадар.
За недостатокот од кадар кај нас пак Царовска вели дека тоа е во надлежност на локалните власти. Таму каде што ќе нема доволен број на наставници општините можат да вработат наставници на одредено време.
„Општините имаат можност по итни и неодолжни постапки веднаш да ангажираат до три месеци наставници и тоа ќе се случува затоа што навистина е потребно во училиштата да има доволно наставен кадар за да ја реализираме квалитетно оваа учебна година.“ – вели царовска.
Неизвесноста и одлуките во последен момент за текот на образовниот процес од страна на Владата им донесе главоболки и на самите наставници. Дел од нив за ТВ 24 велат дека епидемијата ги исфрли на површина недостатоците и проблемите кои со години наназад се таложат во образованието.