Двајца конгресмени ненајавено отпатуваа во Кабул за, како што потоа истакнаа, да извршат увид во напорите на американската војска за евакуација на Американците и останатите од Авганистан.
-Посетата беше тајна, а ја објавивме откако заминавме за да го минимизираме ризикот и последиците за луѓето и бидејќи сме таму за да собереме информации, се наведува во заедничкото соопштение на конгресменот Сет Мултон, демократ од Масачусетс и на конгресменот Питер Мејџер, републиканец од Мичиген.
По враќањето, Мултон, кој е истакнат критичар на воената интервенција во Ирак, на Твитер соопшти за тајното патување.
-Со претставникот Мејџер сведочевме за работата на нашите млади маринци и војници на рампите во аеродромот во Кабул. Тие се снаоѓаат во јазолот на човештвото, толку сурово и дробно какво што светот досега не видел. Тоа е неописливо, напиша тој.
Законодавците, сметаат дека нема сите да бидат извлечени на време, откако ја увидиле ситуацијата на терен и разговарале со командирите.
Затоа, тие ќе извршат притисок врз американскиот претседател Џо Бајден да го продолжи рокот за повлекување на останатите трупи и Американци и по 31 август.
Претседателот Бајден претходно изјави дека очекува мисијата за евакуација да биде завршена до 31 август.
Белата куќа синоќа соопшти дека во последните 24 часа приближно 19 илјади луѓе биле евакуирани од Кабул на 42 американски и 48 коалициски летови.
Вкупниот број евакуирани од 14 август достигна 82.300 луѓе.
Спикерката на Претставничкиот дом, Ненси Пелоси, изјави дека патување во регионот од страна на членови на Претставничкио дом ги пренасочува ресурсите кои би биле наменети за операцијата за евакуација.
-Со оглед на итноста на ситуацијата желбата на некои членови да отпатуваат во Авганистан и околината е разбирлива. Сепак, сакам да истакнам дека Министерството за одбрана и Стејт департментот побараа од членовите да не патуваат во Авганистан и во регионот во ова опасно време. Безбедната и навремена евакуација бара целосен фокус и внимание од американските воени и дипломатски тимови на терен во Авганистан, кажа Пелоси.