Двајцата туристи од Македонија кои се удавија во морето кај Спиле, Албанија се од Битола.
Како што објави „Топ Ченел“, се работи за граѓани на Битола – Р. Дамковски (77 години) и Ц. Митановски (79), кои шест години по ред летувале во истото место.
Албанските медиуми јавуваат дека двајцата биле блиски пријатели кои на албанскиот брег дошле заедно со група од 52 туристи. По ручекот, тројца од нив влегле во вода, а само еден успеал да излезе.
-Околу 11:25 часот на плажата Спиле, двајца македонски државјани се удавија. Според првичните сознанија причина се големите бранови и срцев удар. Станува збор за Р.М. (77) и Ц.М.(79), стои во полициското соопштение.
Генералниот секретар на албанската федерација на спасувачи на вода, Гент Ласаку, за „Њуз 24“ изјавил дека двајцата туристи се капеле на јавна плажа и биле дел од туристичка група од Македонија. Им била направена срцева масажа, но за жал безуспешно.
За двајцата битолчани, ова било четврти ден од нивниот престој во Спиле, додаваат од телевизијата.