Османи рече дека во рамки на темелните проверки констатирано е дека дополнително шест лица пропуштиле навремено да побараат обнова на безбедносните сертификати кои во моментов се истечени, па на овие лице им е ограничен пристапот до информации додека не се реши нивната ситуација

Двајца дипломати од Министерството за надворешни работи (МНР) не го поминале првичниот ветинг, кој како вонреден го најави шефот на дипломатијата Бујар Османи откако дипломатот Миле Миленковски беше уапсен во Србија по распишана меѓународна потерница од Ерменија.

Овие дипломати не се поврзани со овој случај, а процедурата, според изјавата на Османи, е во фаза на прекин на работниот однос.

„Констатирано е дека на едно лице при проверка не неговиот безбедносен статус одбиено му е барањето за издавање безбедносен сертификат со што тој не го помина првиот филтер за ветинг. При проверка за евентуална оправданост за причините за одбивањето не добив соодветно образложение и на ова лице му се ограничува пристапот до податоците во куќата, а почната е процедура и за прекинување на работниот однос во МНР. Дополнително е утврдено дека друго лице користело несоодветен сертификат, а при негово барање да обезбеди соодветна сертификација бил одбиен. Според тоа и овој вработен не го поминува првичниот ветинг и за него почнува процедура за прекин на работниот однос во МНР. Со тоа во оваа првична фаза уште иницијална фаза на ветингот, може да се смета дека две лица не го поминаа ветингот“,

изјави Османи.

Toj рече дека во рамки на темелните проверки констатирано е дека дополнително шест лица пропуштиле навремено да побараат обнова на безбедносните сертификати кои во моментов се истечени, па на овие лице им е ограничен пристапот до информации додека да се реши нивната ситуација.

„Од денес и на овие шест лица им е ограничен пристапот до податоци и информации во куќата. Овие лица не се одбиени при проверката и соодветно на укажувањето дека може да се работи за технички превид даден е рок од седум дена да ги исправат овие грешки и да побараат соодветна сертификација. По изминување на рокот, поединечно ќе се разгледува статусот на првичниот ветинг за секој од нив и соодветно на наодите ќе се одлучува за укинување на ограничувањето и нивно целосно враќање на работните обврски или започнување на процес за прекин на работниот однос“,

рече министерот.

Османи рече дека станува збор за вработени во различни директорати при што како пример посочи дека првиот од нив е од директоратот за протокол.

Министерот зборуваше и дека при обезбедувањето на безбедносни сертификати има одреди предизвици потенцирајќи го ненавременото обновување на сертификатите. Како што рече тој, од околу 500 вработени има 116 лица кои навремено поднеле барања да им се обноват безбедносните сертификати, меѓутоа тие сè уште чекаат одговор од службите, иако на повеќето од нив претходните им се веќе истечени.

„Тие сè уште чекаат одговор од страна на надлежните институции. Со оглед на доцнењето на одговорот, меѓу овие 116 се наоѓаат и 61 чии безбедносни сертификати се истечени додека на останатите 55 вработени наскоро им истекува безбедносниот сертификат. Со оглед на фактот што овие вработени навремено ги поднеле барањата за продолжување и во меѓувреме не се одбиени од безбедносните служби тие претставуваат безбедносно сигурни вработени и слободно може да ги извршуваат своите обврски во рамки на куќата“,

рече шефот на дипломатијата.

Тој вели дека последниот пример со Миленковски, поради кој беше и покренат вонредниот ветинг за сите вработени, покажува дека процесот на сертификација и обезбедување сигурност станува се повеќе важен и потребен, па затоа апелираше до безбедносните служби да ја засилат оваа активност за да се зголеми довербата и во безбедносниот систем и во дипломатијата.

Одговарајќи на новинарски прашања, Османи повторно зборуваше за Миленковски потенцирајќи дека тој не бил пратен во ОБСЕ туку во МНР во Виена и порача дека одговор за тоа зошто овој дипломат бил пратен во ОБСЕ треба да одговара министерот што го пратил.

„Моја насока беше во првата група на дипломати кои ќе заминат во Виена да бидат тие што имаат најмалку еден мандат во претставништвото на ОБСЕ. Зошто бил пратен во ОБСЕ претходно ќе одговара министерот што го пратил. Моја насока беше со цел квалитетно да почнат подготовките за претседавањето со ОБСЕ да бидат дипломати кои имале најмалку еден мандат таму и тоа е причината“,

рече Османи.