Трудов инспектор бил на терен за да направи увид по несреќите на двајца работници на работните места во Пробиштип, од кои едната се случи  во рудник, а втората е во фабрика за акумулатори.

Од Државниот инспекторат за труд денеска за МИА велат дека го чекаат извештајот од инспекторот, по што ќе знаат како понатаму ќе постапат.

Според информациите од МВР несреќите се случиле во рудникот за олово и цинк во село Добрево и во фабриката за акумулатори во Пробиштип.

-Во понеделникот во  22:08 часот во Полициската станица Пробиштип, од Итна медицинска помош Пробиштип било пријавено дека кај нив со тешки телесни повреди бил донесен  38 годишниот Т.Ј. од Пробиштип. Според пријавеното, тој се здобил со повредите додека извршувал работни задачи во рудник во село Добрево, пробиштипско. Увид бил извршен.

Надлежните од Клиничка болница-Штип велат дека 38 годишниот Т.Ј е примен со тешки телесни повреди и е веднаш транспортиран во Клинички центар „Мајка Тереза“ во Скопје.

Втората несреќа се случила вчера во 00:48 часот.  Во Полициската станица Пробиштип, од Итната медицинска помош Пробиштип било пријавено дека кај нив со тешки телесни повреди бил донесен 20 годишниот А.Р. од Пробиштип. Според пријавеното, тој се здобил со повредите при извршување работни задачи во фабрика за акумулатори во Пробиштип.

Увид бил извршен и се работи на расчистување на случајот. Дваесет годишниот работник на вилушкар е примен во штипската Клиничка болница, каде што по прегледот, лекарите го пуштиле на домашно лекување, бидејќи бил со полесни повреди.

Повреден градежен работник и во Пехчево

Во текот на вчерашниот ден градежен работник е повреден, при изградба на куќа во Пехчево. Од Државниот инспекторат за труд (ДИТ) за МИА информираат дека вчера во 14:55 часот од страна на ОВР Берово е известено дека се има случено повреда при работа на улица „Гоце Делчев“ бр.88 во Пехчево. При изградба на приватна куќа, паднало и се повредило лицето Ф.Џ.

-Од страна на Државните инспектори на труд извршен е увид, во содејство со полициски службеници и инспектори од ОВР Берово. При увидот е утврдено следното:  Повреденото лице фарбало метална конструкција и паднало од висина 2,85 метри и е транспортирано во Општа болница Штип и не е затекнато при надзорот, се вели во пишаното соопштение на ДИТ.

Во соопштението се посочува и дека од увидот во електронскиот систем на Агенцијата за вработување е утврдено дека, повреденото работно ангажирано лице не е пријавено во задолжително социјално осигурување и работело спротивно на законските одредби. Во делот на безбедност и здравје при работа надзорот е во тек.

-После прибавување на целокупната документација од страна на инспекторите и целосно утврдување на фактичка состојба ДИТ ќе даде дополнително соопштение за јавноста, велат од ДИТ.

За само два дена во Брегалничкиот регион на работните места повредени се тројца работници, од кои двајца во Пробиштип и еден во Пехчево.