Две патнички од македонскиот автобус, кој вчера имаше тешка сообраќајна несреќа кај Лесковац, се уште се во животозагрозувачка состојба. Тие се наоѓаат во Клиничкиот центар во Ниш и приклучени се на апарати за дишење, додека останатите четири лица кои беа сериозно повредени патници и кои се лекуваат во Клиничкиот центар Ниш, се стабилизирани и не се животозагрозувачка состојба.
-Тројца од најкритичните пациенти утринава беа ставени на апарати за дишење, а еден од нив веќе е тргнат од уредот, бидејќи состојбата му е подобрена. Двете македонски пациентки се уште се на апаратите и се во животозагрозувачка состојба. Една од нив има тешка фрактура на карлицата која предизвикала оштетување на мочниот меур и поради тоа е оперирана. Во тек се лабораториски анализи за да се намали ризикот од последователно крварење, а веројатно подоцна ќе биде потребно да се стабилизира скршената карлица. Таа се наоѓа во многу тешка состојба, беше во хеморагичен шок, бидејќи многу крвареше и внимателно ја следиме, изјави доктор Драгиша Љубеновиќ, шеф на интензивната нега на Клиниката за анестезија и интензивна нега во Ниш.
Според него, втората пацинетка која е на апаратите има фрактура на ‘рбетниот столб на неколку нивоа.
– Вчера нејзината состојба се влоши, бидејќи покрај повредите на ‘рбетниот столб, исто така таа имаше повреда и на `рбетниот мозок и затоа е поврзана со апаратот за дишење. Ова утро, нејзината состојба е подобра и таа е постабилна. Ние континуирано ја следиме нејзината состојба, можеби ќе се обидеме да ја отстраниме од уредот ако подобрувањето продолжи. Пациентот кој има повреда на мозокот беше на машината за дишење, но е отстранет, бидејќи има подобрување на неговото здравје. Другите три пациенти имаат повреда на градите со фрактура на две, три или четири ребра без повреда на белодробното ткиво. Тие се во стабилна состојба, така што можеме да кажеме дека за сега имаме четири пациенти кои се на „безбедна страна”, а за овие две пациентки се бориме за подобрување на нивната состојба, вели д-р Љубеновиќ.
Осуммината полесно повредени, кои се лекуваат во болницата во Лесковац, ќе бидат префрлени во Македонија за понатамошен третман до крајот на оваа недела. За останатите патници, веќе е организирана превоз за Македонија.
Во Србија се уште се води истрага за сообраќајната несреќа кај Лесковац, во која беа повредени 32 лица, а загинаа 68-годишна жена од Кочани со иницијали К.К и 68-годишен маж од крушевското село Бучин со иницијали В.Ш. Денеска е идентификувана и третата жртва, а тоа е 63-годишната В.К од Кавадарци.
Од полицијата и од истражните служби на Србија информираа дека истрагата се уште е во тек и за недела дена ќе излезат со целосни податоци. Возачот на автобусот, кој во Србија го нарекоа „автобус на смртта“ според српските закони, поради трите жртви, се наоѓа во притвор.
Патниците кои патуваа од повеќе градови во Македонија за Виена со превозникот Еуро Бус од струко Велешта, беа главно македонски печалбари, а во моментот на несреќата сите спиеле.
Според сведоштвото на преживеаните до несреќата дошло поради лошите снежни услови, голомразицата и неприлогадената брзина на возачот на автобус од речиси 100 км. на час и можноста возачот да заспал.
Автобусот ја изгубил контролата, излетал од автопатот, по што се превртел повеќе пати. Благодарение на навремената интервенција од само половина час од несреќата на возилата на Итната медицинска помош од Ниш и Лесковац, на пожарникарите и случајни патници, кои под автобусот ги извлекувале повредените, спречено е да се дојде до поголема трагедија.
Голема и несебична помош била дадена и од градоначалниците на Лесковац и Ниш, од медицинските установи од овие градови во спасување и згрижување на повредените.ж
МИА