Деновиве тетовци добија нови решенија за наплата на данок на имот кои се за 100 проценти па и повеќе повисоки од досега.
Поради тоа голем број тетовци секојдневно доаѓаат во Општина Тетово каде бараат информации зошто се покачени сметките. Од секторот за финансии на Општината велат дека не се работи за покачување на сметките туку е направена валоризација на имотот, нешто што со години наназад Општината не го извршила.
– Ние како Општина со Закон сме обврзани секои четири години да извршиме ревалоризација на сите имоти кои се под Општина Тетово. За ова да го направиме ни е дадена и препорака од Државниот завод за ревизија. Всушност нема зголемување на даноците бидејќи ставките се исти. Така ако еден имот, на пример стан, некогаш е проценет на 200 или 300 евра за метар квадратен и до сега не била направена нова процена, односно тој податок и кој со години не бил променет, сега со новата процена, која е врз основа на пазарната вредност, добиваме реална вредност на недвижностите во Општина Тетово. Значи станува збор само за ревалоризација на имотите, вели Нуредин Деари, раководител на секторот за финансии на Општина Тетово.
Сега со новите даночни решенија тетовци ќе мора освен за просторот каде живеат, да и плаќаат данок на општината и за подрумите, за дворовите, гаражите кои ги поседуваат на нивно име.
– Вистина е дека дел од нив плаќаат повисоки сметки, но тоа е резултат и на опфатот, односно досега не биле опфатени сите имоти кои ги поседуваат, а имаат обврска да ги пријават после добивање на решението. Ревалоризацијата е извршена по Закон, а ја направиле нашите лиценцирани проценители и тие се надлежни за висината на процената на имотите. Свесни сме дека има и направено и грешки, бидејќи податоците се преземи од Катастарот, па затоа за граѓаните имаме отворено три шалтери каде ќе можат да се информираат и да поднесат жалби и приговори и каде може да се извршат евентуални корекции, појаснува Деари.
Според Секторот за финансии во Општина Тетово со оваа процена се опфатени 709.000 метри квадратни само станбен простор. Оданочено е и земјоделското земјиште кое не се обработува, но ако некој сопственик донесе изјава дека нивата што е оданочена се обработува тогаш ќе се ослободи од праќање данок за тоа земјоделско земјиште.