Министерката за Европа и надворешни работи Олта Џачка реагираше по острите изјави на грчкото министерство за надворешни работи во врска со изречената мерка притвор на Фреди Белери, кандидатот за градоначалник за општина Химара на денешните избори.
Во објава на Твитер Џачка напиша дека Грција не треба да расправа за одлуката на суд на територијата на Албанија, повикувајќи ги да бидат повоздржани во изјавите.
-Речиси е невозможно да разбереме како нашите пријатели имаат право да оспорат судска одлука во нашата земја, кога силните докази што ги бараат се многу јасни. Фреди Белери беше фатен во криминална активност против слободни и фер избори, оценува таа.
Изјавата на Џачка доаѓа по острата реакција на грчкото МНР дека „доколку доказите не се неоспорливи одлуката на судот во Валона да го задржи Фреди Белери во затвор е скандалозна“ и оти „ќе има влијание на односите со ЕУ“.
Грчкото МНР реагираше со соопштение во кое вели дека „апсењето на кандидат за градоначалник два дена пред избори не претставува владеење на правото“ и додаваат дека одлуката за притвор не ги менува „правилата за еднаквост на општинските избори во Химара, најважниот центар на грчкото национално малцинство во Албанија“.
-Ваквата одлука ќе има влијание и врз односите на Европската унија со Албанија, бидејќи предуслов на овој европски пат е посветеноста на земјите кандидати до европските правила и принципите на владеење на правото. Одлуките како оваа кои ги прекршуваат горенаведените принципи значат дека во пракса Албанија не го следи европскиот пат, соопштија од грчкото МНР.
Белери беше уапсен во четвртокот нешто по полноќ во неговото кафуле во Химара, под сомнение за купување гласови а вчера му беше одредена мерка притвор.
За градоначалник е кандидиран од Партијата за заштита на човековите права (партија на Грците) која е дел од коалицијата „Заедно победуваме“ предводена од поранешниот албански претседател Илир Мета, кој рече дека“ бил тука или не, Белери ќе биде избран за градоначалник“ обвинувајќи за политички мотив во случајот.