Претседателот на Собранието, Талат Џафери во интервју за МИА изјави дека би ја следел одлуката на министрите на Демократската унија за интеграција и би се повлекол и тој доколку ВМРО-ДПМНЕ гласа за уставни измени.

-Следствено ако сите си одат, зошто ја би инсистирал да останам – изјави Џафери.

Во однос на парламентарните избори вели дека негов личен став е дека избори треба да има во редовен термин и нема причина зошто да не биде тоа така, додека за тоа тоа дали избори за пократко време би помогнале ДУИ да успее да задржи што е можно повеќе гласови, вели дека за тоа треба пресметки да направат партиските органи.

-Јас колку што знам ДУИ се има изјаснето мандатот да оди како редовен мандат и да се вратиме во процесот и во системот на четиригодишен мандат. Но, вчерашната одлука која што е изјавена е во конктекст на она што беше резултат или изјава на лидерската средба помеѓу премиерот и претседателот на опозицијата. Предусловот на опозицијата беше – да ние би пристапиле на тоа доколку ДУИ оди во опозиција и беше кажано додека се одржуваше конференцијата дека ако е тоа предусловот за граѓаните ние треба да сме надвор од оваа Влада, за да се изгласаат уставните измени. Раководството, лидерот тоа го соопшти – изјави Џафери.

Запрашан дали тој се согласува со ваквото делување на ДУИ и дали ќе го следи на некој начин, вели дека ако е во полза на идејата би ја следел оваа одлука.

-Во принцип ако сте дел од некоја организација ако има можности ќе си го кажете мислењето и на крај ако има одлука, доколку сакате да продолжите да сте дел од организацијата ќе ја испочитувате одлуката која што е донесена во спротивно треба да решите да одите од субјектот – истакна Џафери.

Интервјуто со претседателот на Собранието Талат Џафери во целост со видео материјал ќе биде објавено утре.