Претседателот на Собранието, Талат Џафери се обрати по повод 50-тата европска регионална конференција на ИНТЕРПОЛ. Тој во својот говор се заблагодари на полициските службеници, укажувајќи почит кон сиот вложен труд и нивен ангажман.
– Полициските сили во РСМ се на првата линија на спречување на негативните појави на насилство, на криминалните и злосторнички дела кои всадуваат страв, немир и чувство на ранливост во секој од нас. Сега повеќе од кога било, затоа што ужасните вести што доаѓаат од нашето блиско соседство не се воопшто за занемарување. Напротив, тие се аларм за итно и одговорно делување на секој во својот домен. Товарот што го носите не е лесен, но, убеден сум дека споделувањето на тој товар со 100-годишна организација со реноме како што е Меѓународната организација за криминалистичка полиција – ИНТЕРПОЛ, преку воспоставување на цврсти мостови на соработка на регионално и глобално ниво во минатото, сега и убеден сум и во иднина, е најуспешниот модел за постигнување на најдобри резултати. Јас Ве охрабрувам да продолжите со уште поголема динамика да ја збогатувате таа соработка, посветено и одговорно, затоа што полицијата е успешна само кога има взаемна соработка, колегијалност и почитување, рече Џафери.
Граѓаните се мирни и безбедни, продолжи Џафери, кога знаат дека Вие се грижите за обезбедувањето на спроведувањето на законите, почитувањето на нивните човекови права и обврски и чувањето и негувањето на демократијата.
– Нека биде тоа за Вас охрабрување за уште поревносно вршење на Вашата должност, за вербата и почитта на граѓаните да биде од ден на ден сѐ повисока и повисока. Ви посакувам уште 100 нови и успешни годишнини! Нека биде светот безбедно место за сите, додаде Џафери во своето обраќање.