Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија Талат Џафери, денеска оствари средба со амбасадорот Филип Рикер, цивилен заменик и политички советник на командантот на Европската команда на Воените сили на САД, на која биле констатирани одличните билатерални односи меѓу двете држави, заокружени со Декларацијата за стратегиско партнерство и соработка во 2008 година.
Џафери, како што соопшти собраниската прес-служба, се заблагодарил на поддршката на САД на нашите напори од независноста до денес преку разни проекти на УСАИД, но и за поддршката која ја добиваме од НДИ и ИРИ во градењето на демократско и инклузивно општество.
Тој го информирал соговорникот за актуелните активности во Собранието поврзани со пакетот реформски закони со кои очекуваме одредување датум за почеток на преговори од страна на Советот на ЕУ во јуни оваа година, како и за ратификациите на спогодбите со Република Бугарија и Република Грција со кои се надминаа отворените прашања со соседите и се отвори патот за членство на Република Македонија во НАТО.
Притоа, тој изразил очекување дека земјата ќе стане 30-та членка на Алијансата до крајот на оваа или почетокот на следната година, а брзината на процесот на ратификација на Протоколот за пристапување на Република Северна Македонија во НАТО, како што рекол, е уште една потврда за изминатите заложби на актуелното мнозинство во земјата.
Амбасадорот Рикер нагласил дека има многу причини за славење на позитивниот развој на настаните во Република Северна Македонија, бидејќи според него, надминувањето на спорот со името не е само огромен чекор за земјата, туку и за целиот регион.
Тој го поздравил процесот на ратификација на Протоколот за пристапување на Република Северна Македонија во НАТО, посочувајќи дека Сенатот на САД прави заложби за негова побрза ратификација од вообичаената процедура и изразил надеж дека земјата до крајот на годината ќе го добие своето заслужено место во Алијансата.
Во однос на евроинтеграцискиот процес, амбасадорот Рикер истакнал дека донесувањето на пакетот реформски закони не се само придонес кон ЕУ процесот, туку се од клучна важност за развојот на земјата во иднина и дека во тој процес, опозицијата мора да се вклучи соодветно и да работи за општото добро.