Со пласирањето на информациите за наводен обид за атентат на косовскиот премиер Албин Курти при неодамнешниот негов престој во Скопје, нанесена е поголема штета на институциите на Косово, отколку на нашата држава, изјави за МИА претседателот на техничката Влада, Талат Џафери.
– Ние сме соодветно информирани за сите текови по однос на случувањата коишто се организираат на наша територија и институциите соодветно ги имаат преземено сите мерки. Во тој контекст мислам дека од наша страна било преземено се, а во суштина и никој не потврдува дека имало индиции оти тоа ќе се случи на територијата на Македонија, рече Џафери, додавајќи дека нашите институции реагиравме соодветно на ваквите тврдења.
Изјавата на Џафери се однесува на информациите дека за време на учеството на косовскиот премиер Курти на конференција на фондацијата „Фридирих Еберт“ во Скопје, бил подготвуван атентат врз него.
Според Џафери, чуден е фактот што по враќањето на Курти во Приштина, прво од државната телевизија РТК беше пренесена информација дека се подготвувал атентат врз него во Република Македонија, врз основа на некои медиумски изјави и објави на Фејсбук.
– Во крајна инстанца моја оценка е дека со таа изјава е направена поголема штета за самата Косовска агенција за информирање,… затоа што во иднина кој би се впуштал да има размена на информации, ако тие информации после со посредство на средствата за јавно информирање ќе се пласираат, како што се пласираа. Методологија на комуникација на тие институции е соодветно пропишана со соодветни закони и се излезе надвор од она што е ред во комуникацијата и во размената на информации, оцени Џафери.
Тој потенцира дека нашите институции не потврдуваат дека имало „таква можност и активност насочена кон премиер на една држава“.
Џафери не сакаше да ги коментира наводите дека станува збор за внатрешни политички пресметки во Косово, нагласувајќи дека е несоодветно како премиер да навлегува во такви оценки.
– За мене како премиер е битно што веднаш бев информиран и претходно запознаен со активностите коишто ќе се случат во територијата на државата и соодветно има реакции и демант од надлежните институции зад коишто стојам, затоа што и е потврдено дека она што го кажаа институциите е така, додаде Џафери.
Фото: Архива