Одлуката на властите во Бања Лука за формирање на резервен состав на полицијата на Република Српска води кон дестабилизација на Босна и Херцеговина, оцени бошњачкиот член на Претседателството на БиХ, Шефик Џаферовиќ.
– Тоа не е добро. Јас ги повикувам да не го прават тоа. Ако го сторат тоа, сигурно истото ќе го направат и Федерацијата БиХ и кантоните, затоа што немаат друг избор, изјави Џаферовиќ.
Народното собрание на Република Српска усвои измени на Законот за полиција, со кои се предвидува формирање на резервен полициски состав, кој би броел околу илјада припадници.
Осврнувајќи се напорите за формирање на новата централна Влада на БиХ, Џаферовиќ нагласи дека главна пречка во преговорите е усвојувањето на Годишниот акциски план (АНП), што практично би значело активирање на Акцискиот план за влез на земјата во НАТО (МАП), на што се противат партиите на босанските Срби.
Џаферовиќ оцени дека новото парламентарно мнозинство на ниво на централните власти на БиХ треба да го формираат неговата бошњачка Партија за демократска акција (СДА), српскиот Сојуз на независни социјалдемократи (СНСД), Хрватската демократска заедница во БиХ (ХДЗ), мултиетничкиот Демократски фронт и многу веројатно и доминантно бошњачкиот Сојуз за подобра иднина (СББ).
– Тоа е групација на политички партии што имаат капацитет да го формираат Советот на министри на БиХ. Останува уште прашањето за активирање на АНП, додаде Џаферовиќ.
Парламентарните избори во БиХ се одржаа на почетокот на октомври минатата година и партиите од тогаш не можат да се договорат околу формирањето нова влада.