Канадскиот премиер Џастин Трудо објави дека е позитивен на Ковид-19, но не чувствувал никакви тешки симптоми и дека во согласност со правилата, има намера да продолжи да работи онлајн и следната недела.
„Се чувствувам добро и ќе продолжам да работам онлајн оваа недела според упатствата за јавно здравје“, напишал Трудо, кој исто така примил трета доза вакцина против коронавирус на почетокот на јануари.
Тој е во самоизолација од минатата недела откако едно од неговите деца било позитивно тестирано на Ковид-19.
Денеска тој ја искористи можноста уште еднаш да ги покани Канаѓаните да се вакцинираат, особено со дополнителна бустер доза.
Канадскиот премиер попладне нема да може физички да присуствува на активностите во Долниот дом на парламентот во Отава, каде два дена демонстрираат камионџиите и противниците на мерките за јавно здравје.
Во саботата, илјадници луѓе и стотици камиони го блокираа центарот на канадскиот главен град протестирајќи против здравствените мерки и обврските за вакцинација за преминување на канадско-американската граница.
Во март 2020 година, на самиот почеток на пандемијата, Трудо беше во 14-дневна изолација откако неговата сопруга Софи Грегоар Трудо на враќање од патување во Лондон, беше позитивна на Ковид, објави Си-Ен-Ен.