Кога Френсис Форд Копола бараше актери за филмската адаптација на романот „Кум“, тој се сврте кон веќе познатите холивудски фаци и млади актери за да привлече што поголема публика.
Улогата на Дон Корлеоне, кумот на италијанското мафијашко семејство, му ја понудил на познатиот Марлон Брандо, додека улогата на неговиот син Мајкл Корлеоне, главниот лик на филмската сага, му била понудена на Џек Николсон, пишува CBR.
За разлика од Брандо, Николсон ја одбил улогата, поради што Копола решил да ризикува и да му ја додели улогата на тогаш непознатиот Ал Пачино. Поради неговата впечатлива изведба, Пачино стана еден од најбараните актери во индустријата и денес ни е тешко да замислиме некој друг како Мајкл Корлеоне.
Џек Николсон беше ѕвезда во подем во времето на „Кум“, по неговата улога во филмот „Easy Rider“ од 1969 година. Актерот бил импресиониран од проектот на Копола, но го одбил затоа што сакал да биде политички коректен. Бидејќи Мајкл Корлеоне е Американец со италијанско потекло, а Николсон е Американец со англиско, ирско и германско потекло, тој верувал дека тоа не е улога за него.
„Верував дека Индијците треба да глумат Индијци, а Италијанците да глумат Италијанци. Марио Пузо напиша толку одлична книга, штом ја прочитате, веднаш ќе видите што го направи филмот толку посебен“, изјави Николсон за време на едно интервју. „Имаше многу актери кои можеа да го играат Мајкл, а јас сум еден од нив, но Ал Пачино беше Мајкл Корлеоне.“
Иако ваквото мислење е застапено во Холивуд и денес, кога Николсон ја започна својата кариера, ситуацијата беше многу поинаква. Најпопуларните актери глумеа ликови кои не им припаѓаат на нивните култури, етникуми, а понекогаш дури и на раси, па изјавата на Николсон само покажува колку тој бил пред своето време.
Покрај Николсон, своевремено за улогата на Мајкл Корлеоне се сметаше и на Роберт Редфорд, но Копола беше убеден дека русокосиот актер нема да може да ја убеди публиката дека е Италијанец.
Режисерот се обидел верно да го прикаже романот, па за улогата на Аполонија ја избрал Италијанката Симонета Стефанели, а за улогата на Том Хаген, адвокат со ирско-германско потекло, Роберт Дувал, кој има слично потекло. Меѓутоа, при изборот на некои улоги, етничката припадност не му била важна, па Сони Корлеоне го глумел Џејмс Кан, кој морал да им објасни на обожавателите дека нема италијанско потекло.