Со проекција на италијанскиот филм „Несовршена доба“ на режисерот Улисе Лендаро вечер во кино Милениум ќе биде отворен 7. Филмски фестивал за млади „Џифони Македонија“ што ќе трае до 17 октомври.
Во шесте дена ќе има богата филмска понуда, креативни работилници и едукативни активности кои ќе вклучат околу 650 деца и млади од 11 до 19 години од десет земји.
Главна тема е заштитата на човековата средина, со посебен акцент на воздухот, а во повеќе филмови и активности теми ќе бидат и безбедноста на интернет и борбата против врсничкото насилство.
Во натпреварувачката програма ќе бидат 15 играни филма распределени во три возрасни групи: јуниори (10-14 год.), кадети (14-16) и сениори (16-19), а секој од филмовите ќе биде проследен со дискусија на темите на филмовите што ги засегаат младите.
-И годинава во главната програма имаме внимателно селектирани филмови, а учесниците, поделени по возрасни групи, во улога на жири ќе ги изберат најдобрите филмови за младата публика. Покрај децата од нашата земја, во жирито ќе учествуваат и 50-ина деца од странство, кои за време на фестивалот ќе бидат гости во домовите на своите другарчиња, соопшти тимот на „Џифони“.
На свеченото затворање на фестивалот на 17 октомври во 19 часот во киното „Милениум“, ќе биде презентирано сето она што „џифонците“ ќе го создадат на сите работилници за време на фестивалот. Ќе бидат одржани и неколку мастеркласови, меѓу кои и на директорот и основач на „Џифони експириенс“, Клаудио Губитози.
„Џифони Македонија“ годинава ќе биде домаќин и на патувачката училница Una vita da social – „Живот на социјалните мрежи“, во која ќе се реализираат едукативни средби со ученици, студенти, наставници и родители. Веќе седум години низ цела Италија се реализира овој европски проект, кој е дел од проектот „Поврзани генерации“ – Безбеден интернет центар, што го координира Министерството за образование и наука на Италија, а го реализира Одделението за безбедност во комуникациите при италијанското Министерство за внатрешни работи кое одлучи својата прва и единствена меѓународна активност во рамките на проекот да ја реализира во Скопје за време на фестивалот „Џифони Македонија“.
Според организаторот, се очекува околу 500 ученици од основните училишта да ја посетат патувачката училница, која ќе престојува на повеќе локации во Скопје. Денеска претпладне ќе биде поставена пред Младинскиот културен центар, а во попладневните часови ќе биде префрлен пред платото на „Скопје сити мол“. В недела училницата ќе биде отворена за сите заинтересирани посетители. Во понеделник патувачката училница ќе биде на платото пред „Скопје сити мол“, во вторник – пред „А1 Арената Борис Трајковски“, а во среда и четврток – на плоштадот „Фонтана“ во Градскиот парк.
„Џифони Македонија“ е дел од големото семејство на „Џифони експериенс“ од Италија, најголем културен настан во светот посветен на филмот за деца и млади, кој в година ќе одбележи 50 години постоење.