Основниот кривичен суд Скопје го прифати второто барање на судијата Владимир Туфекџиќ за изземање од судењето за наводните организитори на настаните од 27 април 2017 година во Собранието и на негово место ја назначи судијката Дијана Груевска Илиевска, која ќе го води предметот заедно со претседателот на судечкиот совет Иле Трпков.
Судот, како што денеска информира претседателот на Основниот кривичен суд Скопје Иван Џолев, првото барање за изземање на судијата Туфекџиќ не било прифатено, но прифатено е второто барање во кое се посочува дека неговата ќерка Ивана била сослушана во својство на оштетена и поднела оштетно побарување. Тој факт, посочи, првично не го знаевме, проверивме и добивме изјава од Обвинителството за организиран криминал и го усвоивме барањето за изземање.
-Во првиот случај барањето за изземање на судијата Туфекџиќ беше одбиено, меѓутоа се појавија други околности кои после соодветна проверка со Обвинителството за организиран криминал упатуваа дека новото барање за изземање е основано и е уважено. За нов член на судечкиот совет е назначена судијката Дијана Груевска Илиевска. Таа е определена врз основа на три критериуми – стажот на судијата, да биде судија кој има искуство во Одделението за организиран криминал и членот 36 став 6 од Законот за крвична постапка, изјави Џолев.
Груевска Илиевска, како што рече, има 15-годишен стаж како судија, а и работела во Одделението за организиран криминал. Покрај тоа, беше и следен судија на внатрешниот распоред за доделување предмет согласно годишниот распоред на работа, како што го предвидува членот 36 став 6 од Законот за крвична постапка.
Судењето за наводните организаторите на настаните од 27 април треба да почне на 21 февруари годинава во 10 часот.